петок, 6 март 2026

МОФ алармира дека предлог-законот отвора простор за непотизам, политичко влијание и назадување на високото образование

Текстот на предлог‑законот за високо образование не соодветствува со потребите на студентите и не е современ, стилски и структурно неусогласен и некохерентен. Одредени делови се јасно формулирани, додека други користат различен тон и суштина, што упатува на недостиг од интегрирана редакција, се наведува во денешното соопштение на Младинскиот образовен форум (МОФ).

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Од МОФ велат дека покрај формалните недостатоци, содржината на предлог‑законот за високо образование отвора повеќе суштински прашања.

„Терминот “интердисциплинарност’ се споменува во неколку членови (24, 29, 125, 133), но контекстот во кој се споменува, не е насочен како стимул за развој на интердисциплинарни студиски програми. Во ситуација во која квалитетот на високото образование потфрла, универзитетите треба да ги охрабрат програмите кои комбинираат различни дисциплини и ги подготвуваат студентите за динамичноста на пазарот на трудот. Поради тоа е потребно да се создадат механизми за поттикнување на такви студии и да се овозможи надоградување преку постдипломска едукација во области каде студентите веќе имаат искуство“, сметаат од МОФ.

Понатаму, пишува во реакцијата, предлогот не го гарантира правото на пристапност и адаптација на условите за студирање на лица со попреченост и не нуди јасни механизми за реализација на таква поддршка. Според МОФ, законските решенија мора да вклучат одредби за физичка пристапност (рампи, прилагодени тоалети), академски приспособувања и финансиска поддршка за ранливите групи.
„Доколку ваквата регулација се остава на слободна волја на интерните акти на универзитетите, се отвораат голем број на можности за дискриминација на ранливите групи“, велат од МОФ.

МОФ констатира дека студентите, преку Универзитетското студентско тело дефинирано во членот 86, остануваат маргинализирани.

„Предложениот закон во ова тело предвидува учество на само еден студент од 11 членови на телото, од кои поголем дел се владини претставници. Тој еден студент, претставува само девет отсто учество во управувањето. Сметаме дека студентите како носители на процесите, заслужуваат поголемо влијание во органите на универзитетите, особено во однос на тела од кои произлегуваат одлуки за програмите, буџетите на универзитетите“, категорични се од МОФ.

Анализирајќи го предлог-законот, од МОФ констатираат дека членот 28 предвидува бесплатна и професионална поддршка за физичко и ментално здравје на студентите, но, нагласуваат оттаму, предлог-законот не ја дефинира формата, начинот ниту одговорноста за нејзина реализација. Наспроти тоа, членот 91 го задржува сегашното учество на студентите во Наставно-научните совети од 10 до 15 отсто, наместо да понуди поголем стимул и проширена вклученост во процесите на одлучување.

Од МОФ уште забележуваат дека иако предлог-законот предвидува кои се тематските приоритети на финансирање на академската средина, во него не се наведени средства за зелени политики, како што се енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија, управување со отпад и развој на одржливи кампуси.

„Во време на климатски и енергетски предизвици, високото образование и кампусите мора да биде пример за одржливост“, велат од МОФ.

Тие уште забележуваат дека иако во членот 112 се наведени сите извори на финансирање на високообразовните установи, сепак изостанува продажбата на учебници.

„Сметаме дека со регулирање на продажбата на учебниците, се намалува сивата економија, можноста за корупција во академската средина, и истата влијае кон подобрување на квалитетот на учебниците и стандардизација на цените“, велат од МОФ.

Според нив, од предлог-законското решение се избришани одредбите кои го оневозможуваат непотизмот при вработувањето на универзитетите, одредби кои стојат во постоечкиот закон, што отвора простор за корупција при вработување на универзитетите.

„Членот 175 е во колизија со декларативните напори на министерството за прекин на вечните академски титули и долготрајноста на академските звања. Особено во ситуација во која млади кадри чекаат вработување на факултети, клаузули кои овозможуваат професори во пензија да продолжат со предавања, се директен импулс за разочарување на младите. Разочарување кое во краен степен, придонесува кон иселување на младите“, предупредуваат од МОФ.

Понатаму, посочуваат оттаму, предложениот текст укажува дека пропушта да го искористи потенцијалот за целосна или парцијална дигитализација на студирањето.

„Дополнително што во целиот закон не се ни искористени зборовите вештачка интелигенција, што претставува еден огромен сегмент на модернизација на новото секојдневие, нерегулиран во законот. Регулацијата на овие полиња би можело да ги подобри пристапноста и квалитетот на наставата, како и заштитата на критичната мисла од една страна и плагијаризмот од друга“, велат од МОФ.

Според Форумот, присутна е сериозна контрадикторност која ја засега академската автономија.

„Членовите 198, 199, 200 и 201  се во колизија со принципите на автономија утврдени во член 13, со што се отвора простор за прекумерна државна контрола и политичко влијание. Ова претставува директен упад во автономијата на универзитетите. Контролата над квалитетот треба да се регулира преку Агенцијата за квалитет (уредена во друг закон). Универзитетите императивно треба да уживаат слобода и автономија, со прецизно дефинирани надлежности на државните органи и механизми за одговорност кои не ја рушат истата. Младинскиот образовен форум препознава дека потребата за нов закон е реална и ја поддржува насоката кон подобро и поквалитетно високо образование. Сепак, неопходно е да се упати апел дека предложениот текст потребно е да биде темелно редактиран, да се интегрираат препораките од јавноста и да се воведат механизми кои ќе обезбедат инклузивно, транспарентно и одржливо високо образование. Само така реформата вистински ќе ги рефлектира потребите на младите и ќе создаде услови за вистински универзитети конкурентни на светско ниво“, се наведува во реакцијата на МОФ.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ