„Впрочем, имајќи предвид дека последните седум години со Министерството раководеа кадри на оваа политичка партија, кои ги правеле истите набавки, се поставува прашањето – дали тие не знаеле што прават, дали се ‘луксузирале’ со народните пари или сега се обидуваат да стават сомнеж на функционирањето и побарувањата од не било која, туку најценетата и најпочитуваната институција во државата – македонската Армија“, ве вели во реакцијата на МО.
Од Министерствот велат дека набавката на кафе и алкохолни пијалоци е спроведена во јавна и транспарентна постапка.
„Целата документација, вклучително и тендерската документација, договорите и одлуките се јавно достапни на порталот за јавни набавки и секој граѓанин, новинар или институција може слободно да направи увид, анализа и споредба со набавките од претходните години.
Набавката се однесува на угостителски објекти од отворен тип, кои се користат во рамките на протоколарни, воени и меѓународни активности, а не за ‘удобност’ на министри, како што лажно се тврди. Години наназад е спроведена иста таква набавка, која оваа година (во споредба со 2023 година) е со многу помали количини, на пример: ставката за алкохолни пијалоци е намалена од 50 до 88 проценти, а жестоките алкохолни пијалоци кои претходно биле набавувани се целосно отстранети. Сумата на договорот во 2025 година е намалена за 15 проценти во споредба со 2024 година и за речиси 40 проценти во споредба со 2023 година.
Прашањата кои се поставуваат се логични: или раководството од СДСМ кое го предводело Министерството не знаело што работи и што набавува или политичката партија влегува во едно црно сценарио во кое се обидува да ја вметне и македонската Армија.
СДСМ вчера соопшти дека Министерството за одбрана под раководство на министерот Владо Мисајловски склучило договори со пет компании за набавка на кафе, вино, ракија, мастика и други алкохолни пијалаци во вредност од 31 илјади евра. Ова се случува, како што велат од опозициската партија, додека стандардот на граѓаните постојано опаѓа, а владата на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се луксузира со народни пари… Ваквата расипничка политика на власта е доказ дека Мицкоски и неговите министри се грижат единствено за сопствената удобност, а не за народот што тоне во сиромаштија и едвај врзува крај со крај. Се работи за македонските граѓани и за Македонија и токму затоа не смееме да дозволиме граѓаните да бидат излажани“, соопшти СДСМ.






