„Жалиме што не дојде ниту до средба меѓу двете страни. Посакуваме да надвладее духот на конструктивен дијалог и соработка како единствен начин на надминување на разликата. Република Македонија останува цврсто посветена за максимално динамизирање на дијалогот на сите можни нивоа и наоѓање решение за овој билатерален спор“, се вели во соопштението од МНР.
Разговорите, организирани во канцеларијата на пратеникот на ОН, се одржаа во согласност со Привремената спогодба од 1995 година, според која двете држави се согласиле да ги продолжат преговорите под покровителство на ОН, заради постигнување договор за разликата околу името.
Средбата во Њујорк беше прва по историската одлука на Меѓународниот суд на правдата (МСП) од 5 декември 2011 година, во случајот што го покрена Македонија. Судот утврди дека Грција, противејќи се на пристапувањето на нејзиниот сосед во НАТО, ја прекршила Привремената спогодба. Последните разговори меѓу посредникот на Обединетите нации Метју Нимиц за решавање на спорот со името меѓу Македонија и Грција и претставниците на двете земји амбасадорите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис не покажа конкретно придвижување кон решение, соопшти Министерството за надворешни работи.