„Истовремено, апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување. Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај“, информираа утрово преку фејсбук-страницата од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
МНР ги потсетува нашите државјани дека во случај на потреба од помош може да се обратат до Амбасада на Република Македонија во Тел Авив, телефон – +972 54 500 8566, +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected] или до Министерство за надворешни работи и надворешна трговија – телефон – +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected].
„Министерството преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, наведува Министерството.
По влошувањето на безбедносната состојба во Израел и регионот, важно известување на својата фејсбук-страница утрово објави и Амбасадата на Северна Македонија во Израел, која ги повикува македонските граѓани кои во моментов се во Израел строго да ги следат упатствата издадени од Командата на израелскиот домашен фронт.
„На граѓаните им се препорачува да останат во или во близина на заштитен простор (засолниште, безбедна соба или друга одобрена заштитена зона); да се осигураат дека го знаат најблискиот заштитен простор; да ги чуваат основните залихи лесно достапни, вклучувајќи вода, храна, лекови, комплет за прва помош, фенерче, полнети мобилни телефони, да ги следат официјалните ажурирања и известувањата во реално време преку веб-страницата на Командата на домашен фронт (https://www.oref.org.il/eng), мобилната апликација и локалните медиуми. Веднаш да влезат во заштитените простори по добивањето известување и да останат таму додека официјалните упатства не покажат дека е безбедно да се напушти. За граѓаните кои планираат да патуваат до/да го напуштат Израел, летовите моментално се откажани до понатамошно известување. Препорачуваме внимателно да ги следите ажурирањата од авиокомпаниите и надлежните органи“, се наведува во апелот од нашата амбасада во Тел Авив.
За каква било помош или итни прашања, достапни се броевите на Амбасадата: +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546
„Амбасадата продолжува внимателно да ја следи ситуацијата и ќе обезбеди дополнителни информации доколку е потребно“, се наведува во известувањето.






