Од пратеничката група на СДСМ за МКД.мк велат дека за предлог-законот гласале 18 пратеници, без да прецизираат дали сите 15 пратеници на СДСМ гласале за својот предлог-закон. Според партијата, за законот гласале и „неколку пратеници од Левица“.
Координаторот на пратенилката група на СДСМ Оливер Спасовски на прес-конференција во Собранието упати критики до владејачкото мнозинство поради тоа што не го поддржааа нивното законско решение кое се однесуваше на семејствата на загинатите и повредените во пожарот во дискотеката Пулс во Кочани.
Според Спасовски, овој закон, кој освен за Кочани требало да се однесува и за семејствата за жртвите и повредените од други трагедии како Ласкарци, Модуларната болница и.т.н, требало да биде закон за обединување, единство, солидарност и сплотеност.
„Сметаме дека денеска требаше да се најде на дневен ред еден ваков текст, кој што не е обичен законски текст, туку е морална, институционална обврска, и овој предлог закон произлезе од најголемата трагедија во што се случи во државата“, рече Спасовски.
Потсети дека во трагедијата загинаа 62 лица, а околу 200 се повредени и дека тоа оставило психолошки и социјални последици кај семејствата и дека настанот ги истакнал системските пропусти во доменот на безбедносните стандарди и институционалната подготвеност за справување со вакви катастрофи.
Спасовски посочи на делови од законот, со кои меѓудругото, беше предвидено семејствата на загинатите и повредните да добијат и финансиска поддршка, но и здравствена и психолошка и друго.
Претходно, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски на прес-конференција рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка за законот и нема да дозволи трагедијата во Кочани да биде злоупотребена за политички маркетинг „преку лошо напишани, неусогласени и политички мотивирани закони“.
„Најновиот предлог-закон што во Собранието го поднесе опозициската СДСМ – Законот за поддршка на настраданите во несреќата во дискотеката во Кочани – требаше да биде сериозен, одмерен и одговорен обид за системска поддршка. За жал, тој е далеку од тоа“, рече Петрушевски.
Како човек рече дека изразува најдлабока почит и сочувство кон сите семејства што ги загубија своите најблиски во оваа трагедија, но како пратеник, има обврска да проговори за начинот на кој опозициската СДСМ се обидува да ја злоупотреби болката на тие семејства за дневно-политички цели.
„Овој предлог-закон е делумно неприменлив, делумно влегува во колизија со сопствените одредби, а делумно се преклопува со постоечки законски права. Сето тоа укажува дека станува збор за документ кој повеќе служи за политички маркетинг отколку за вистинска поддршка“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што кажа, дополнително, законот експлицитно ги фаворизира настраданите од одредени настани, игнорирајќи други слични трагедии, а со тоа се воспоставува опасен преседан односно правата се темелат на конкретен настан, наместо да се воспостави универзален и праведен систем за сите жртви на несреќи или катастрофи, што го нарушува уставното начело на еднаквост на граѓаните пред законите.
Петрушевски нагласи дека продолжува континуираната и промптна поддршка од страна на Владата за сите погодени граѓани, како што беше случај и веднаш по трагедијата – кога беа преземени сите потребни мерки за покривање на трошоците за лекување и медицински транспорт во странство. Според него, Владата реагираше навремено, одговорно и човечки, и ќе продолжи со таа практика низ институционален, а не политички наметнат пристап.
Зборувајќи за предложениот закон, Петрушевски кажа дека член 11 и член 21 предвидуваат различни институции како надлежни за иста постапка – Министерството за здравство, односно комисијата – што создава правна неусогласеност, а член 25 остава впечаток дека треба да се формираат повеќе комисии („комисии од наведените несреќи“), што е спротивно на концептот на една, централизирана комисија утврдена во член 17.
„Законот предвидува финансиски надоместоци, без никаква анализа на бројот на корисници, ниту наведен извор на финансирање од соодветна програма во Буџетот. Ова е особено проблематично ако се земе предвид дека со членот 25 законот се проширува и на претходни трагедии. Предвидените права дуплираат веќе постоечки права од Законот за социјална заштита, Законот за здравствено осигурување и други акти, без обид за нивно усогласување или надградба. Проширувањето на примената за трагедии од 2019 и 2021 година е ретроактивен потег со спорна правна основа, кој може да предизвика правна несигурност и нееднаквост“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во предложениот закон од СДСМ, тој посочи дека не се предвидени санкции за институции што ќе постапат неажурно или ќе ги прекршат своите обврски.
„Во член 13 не е јасно дали стипендиите важат само за државни универзитети, или и за приватни и странски, што може да резултира со нееднаквост во пристапот до ова право. Не е дефиниран механизам за утврдување дали некое лице веќе примило поддршка по друг основ, ниту како ќе се пресметува разликата според новиот закон. Комисијата има прешироки надлежности и значителна дискрециона моќ без јасно утврден надворешен надзор, што отвора простор за бирократизација и евентуални злоупотреби“, рече Петрушевски.