Како што се наведува во соопштението од НБРМ, ММФ препорачува да се продолжи со претпазливата монетарна политика сѐ додека не се потврди постојан и одржлив пад на инфлацијата. Доколку некои од домашните ризици се остварат, се посочува дека Народната банка треба да е подготвена за повторно затегнување на монетарната политика, вклучително и преку управување со ликвидноста со расположливите инструменти, како што е задолжителната резерва.
Во областа на финансиската стабилност, ММФ позитивно го оценува воведувањето на макропрудентните мерки како што се ограничувањата на односот заем ‒ вредност и долг ‒ доход, коишто веќе придонесуваат за намалување на ризиците на пазарот на недвижности и за заштита од прекумерно задолжување. Поддржано е и постепеното зголемување на контрацикличниот заштитен слој на капиталот на банките и дополнителните капитални барања, со цел да се зголеми отпорноста на банкарскиот систем, а во согласност и со европската регулатива.
„ММФ ја нагласува огромната важност на зачувувањето на независноста на централната банка, како основа за стабилност на цените, девизниот курс и финансискиот систем. Народната банка и натаму ќе биде целосно посветена на својата мисија – одржување на ценовната и финансиската стабилност и поддршка на долгорочната економска отпорност“, пишува во соопштението од НБ.