недела, 1 март 2026

Младинскиот образовен форум – домаќин на Европското средношколско дебатно првенство 2026

Младинскиот образовен форум (МОФ) во периодот од 28 февруари до 2 март 2026 година го организира Европското средношколско дебатно првенство во Скопје – еден од најпрестижните натпревари по дебата за средношколци во Европа. На првенството учествуваат над 300 дебатери, судии и дебатни тренери од 25 европски земји. Настанот претставува значајна платформа за критичко размислување, демократски дијалог и меѓукултурно поврзување на младите од целиот континент.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Прелиминарните рунди се одвиваат во СУГС „Орце Николов“ на 28 февруари и 1 март, додека финалната рунда ќе се одржи на 2 март 2026 година (понеделник), од 14 до 15:30 часот, во салата „Кино Фросина“ во Младинскиот културен центар – Скопје и ќе биде отворена за публика. На последниот ден од првенството посетителите ќе имаат можност да ги слушнат најуспешните млади дебатери од Европа во структурирана аргументирана расправа за актуелни глобални прашања.

Довербата МОФ да го организира Европското средношколско дебатно првенство 2026, а Скопје да биде негов домаќин, беше изгласана во летото 2024 година, кога македонската кандидатура доби мнозинска поддршка од европските делегации, во конкуренција со Милано.

„Оваа одлука претставува признание за капацитетот, искуството и стабилноста на македонската дебатна заедница, како и за посветената и темелна подготовка на тимот на МОФ. Горди сме што Скопје оваа година е центар на европската младинска дебата, бидејќи преку вакви настани младите ги развиваат своите вештини, учат да слушаат и аргументираат, ги почитуваат различните гледишта и активно придонесуваат кон поотворени и подемократски општества“, изјави Ивона Кузмановска, Извршна директорка на Младинскиот образовен форум.

За МОФ, организацијата на едно од најзначајните европски собирања на средношколски дебатери претставува признание за 27-годишната посветена работа во развојот на дебатното образование во Македонија. Истовремено, домаќинството ја позиционира земјата како релевантен чинител на европската младинска и образовна сцена и овозможува повеќе од 300 млади од Европа одблизу да се запознаат со Скопје и македонската дебатна традиција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ