„Надлежноста за донесување и спроведување на мерката за одземање е исклучиво на Агенцијата и општината нема законска основа да ја преземе таа надлежност. Институционалната одговорност не може да се релативизира преку јавни соопштенија. Во меѓувреме, проблемот со добитокот што со години предизвикува штети во Крива Паланка продолжува да создава последици врз јавните површини, приватниот имот, безбедноста во сообраќајот и благосостојбата на животните. Општината останува подготвена да обезбеди логистичка и кадровска поддршка за спроведување на решението, но не може и нема да ја преземе законската надлежност на државна институција“, рече Митовски.
Тој порача дека времето за меѓуинституционално препукување е завршено и дека очекува постапување на терен, согласно правосилното и извршно решение на АХВ.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера реагираше на изјавата на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, дека локалната самоуправа нема никаква законска надлежност да постапува во справувањето со проблемот со говедата кои талкаат низ градот и нанесуваат штета и на земјоделските поседи и во околните села.
„Го потсетуваме Митовски дека неодговорно е кон сопствените граѓани и жители на паленечките села, тој да се иззема од одговорноста која ја има во овој случај, бидејќи согласно Законот за јавна чистота, член 14 став 1 точка 11, контролата на одржувањето на јавните површини, односно чување и напасување на крупен добиток (вклучително и на говеда) на јавни површини ја има токму Општината. Ако сакаше, Митовски и досега можеше да го реши проблемот, сам или со помош од некои поранешни функционери, негови сограѓани, кои беа во врвот на претходната влада“, се вели во реакцијата на АХВ.
Говедата, додадоа оттаму, ниту се размножиле во толку голем број за година и половина, ниту може инстантно да се соберат, во услови кога општината не соработува со агенцијата „која е подеднакво одговорна за решавање на проблемот“.






