понеделник, 9 март 2026

Мисајловски: Постојано набавуваме ново оружје, даваме сè Армијата да биде спремна

Ние сме земја членка на НАТО и сме со нашите сојузници, рече денеска министерот за одбрана, Владо Мисајловски, кој во Штип одговораше на новинарско прашање за состојбата на Блискиот Исток и дали нашата армија набавува воена опрема и оружје.

Објавено на

часот

Сподели

„Ние сме земја членка на НАТО и знаете дека сме постојано со нашите сојузници и имаме една цел, а тоа е Македонија, се разбира македонската војска и граѓаните. Ние ќе дадеме се од себе да бидеме спремни. Набавуваме и ново оружје постојано, еве за неколку дена ќе ги видите и новите ‘страјкери’ што пристигнаа во државата. Но, паралелно очекуваме огнена моќ дополнително да стигне од повеќе држави. При крај сме со договорот со Франција ги очекуваме мистралите, хаубиците пристигнаа во Македонија. Треба да пристигне првиот хеликоптер. Ова се навистина сериозни вложување во текот на оваа година, која можеби е и најтешката на Министерството за одбрана за да ги исплати сите овие работи“, изјави Мисајловски.

Министерот за одбрана, Мисајловски рече во иднина ќе има сериозни инвестиции и во наредните 10 години ќе се издвојуваат многу средства за одбраната, Тој додаде дека ќе започнат и со нов план – што е најважно да се купи во наредните години.

„Верувајте дека тоа се милиони и милијарди што треба да ги издвоиме како Министерство за одбрана, дирекно да бидат нови вложувања во Армијата“, рече Мисајловски.

Седумнаесет реконструкции на објекти на македонската Армија ќе има оваа година, а инвестицијата е околу десет милиони евра, најави Мисајловски.

„Денеска можеме да видиме еден целосно готов објект. Но, и еден кој што е речиси до 70 проценти завршен. Очекувам дека во следниот месец комплетно ќе биде завршен овој објект, објектите 34 и 35. Со овие услови покажуваме дека целосно се грижиме за нова модерна инфраструктура. Ова се само дел од објектите кои што ги реконструираме. Како што можете да видите комплетно нова реконструкција, а ова ќе го правиме во сите касарни. Постојано вложуваме во нови проекти“, рече Мисајловски.

Министерот за одбрана истакна дека реконструкцијата на двата објекти во касараната „Јане Сандански“ во Штип чинат околу еден милион евра. Тој наброи само дел од проектите, кои според него се значајни, а наведе и нови, кои се очекуваат во текот на годината.

„Околу 17 нови проекти очекуваме оваа година да започнеме, а заедно оваа година и наредната преку 10 милиони евра планираме да вложиме дирекно во инфраструктурата. Да ги реконструираме сите овие капацитети, што ги имаме како министерство за одбрана, каде што со години не беа пипнати“, рече Мисајловски.

Прашан дали се намалуваат тужбите од страна на припданиците на Армијата за исплата на додатоци по основ на колективниот договор, Мисајловски одговори потврдно оти се намалуваат, а во минатото ова министерство се соочувало со околу илјада тужби, кои чинеле повеќе од 15 до 20 милиони евра. Тој вели дека најголемиот дел од обврските што претходно не биле исплатени сега се подмирени.

„Многу се намалени тужбите. Се разбира дека постојано можат да се случат од различен вид. Но, она што беше навистина тешко, 1.000 тужби во минатото, тоа се сериозни пари над 15-20 милиони евра што на контото на министерството тие тужби беа доставени. Ние ги исплативме. Исплатено е сè она што порано не се исплаќало, исплатено е сè она што опфаќа по колективен договор и гледаме да нема причина повторно да има тужби“, вели Мисајловски.

Тој истакна дека како министер го почитува колективниот договор и како што рече „ќе седнеме со сите да разговараме и тоа да го надминеме, но најважно е да се почитува колективниот договор“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ