Во разговорот со министерот за одбрана Хелез, Мисајловски упатил уверување дека Македонија како членка на НАТО го поддржува процесот на интеграција на Босна и Херцеговина во Алијансата, и дека е подготвена да ги сподели искуствата и да помогне со цел зајакнување на партнерството меѓу двете земји.
„На министерот Хелес му упатив уверување дека како земја членка на НАТО, Босна и Херцеговина ја има нашата поддршка во засилување на односите со Алијансата. Подготвени сме да ги споделиме нашите искуства во процесот на интеграција во НАТО, што сметам дека како пријателски земји мора да го направиме – да се поддржуваме и да си помагаме во остварување на нашите цели за подобро утре на нашите граѓани“, истакна Мисајловски на заедничката прес-конференција.
Министерот нагласи дека Македонија останува безрезервно посветена на својот придонес во мировната мисија АЛТЕА на Европската Унија, која има за цел да ги одржи стабилноста и сигурноста во Босна и Херцеговина, каде што во моментов учествуваат 33 македонски припадници. Мисајловски ја изрази и својата благодарност за соработката и отвореноста, потенцирајќи дека засилената соработка ќе влијае на зацврстување на регионалната безбедност и стабилност.
Министерот Хелес се заблагодари за помошта во образованието на нивните питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и нагласи дека Македонија е втора земја, после Турција во која Босна и Херцеговина испраќа свои питомци.
„Покрај темата за питомците раговарамвме за евроатланските интеграции. Македонија и Босна имаат сличен состав како мултиетничи држави. Во моментов ги поминуваме фазите кои вие ги поминавте за пристапот во НАТО, ја исполнуваме програмата за реформи, а недовршена цел ни е и пристапот во ЕУ, каде имаме ист или сличен пат кон тоа членство“, потенцира Хелес.
Информираше дека разговарале и за развојот на соработката во индустријата каде БиХ, според него, ја има една од најразвиените наменски индустрии во Западен Балкан.
„Ние сме во една експанзија, кога е во прашање производството на муниција и вооружување. Ќе разговараме и за користење на полигоните кои Македонија ги има и иако се големи, се надеваме ќе ги здоволат потребите на наменската индустрија на БиХ“, истакна Хелес
Двете делегации во рамките на посетата ќе присуствуваа и на отпочнувањето на новата студентска година на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, каде оваа година има повеќе питомци од Босна и Херцеговина, што дополнително ја докажува искрената намера за градење партнерства и доверба.






