Министерството за животна средина и просторно планирање денеска најави пакет засилени мерки со кои ќе се зајакне контролата врз индустриското загадување и ќе се подобри управувањето со природните ресурси, при што фокусот, како што беше нагласено, се префрла кон институциите и индустриските оператори. Централно место во најавите доби воспоставувањето на Регистарот на загадувачи, нов систем кој ќе собира сигурни и споредливи податоци за емисиите, потрошувачката на енергија, вода и суровини, како и за преносот на отпад – инструмент што, според Министерството, ќе биде клучен за транспарентност и за зголемена одговорност на сите носители на А‑интегрирани еколошки дозволи.
Како што информираше министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, новиот Закон за индустриски емисии ќе стапи во сила во септември 2027 година. Во периодот што следи, Министерството ќе организира средба со сите оператори кои поседуваат А-интегрирана дозвола со цел навремено информирање и подготовка за новите обврски. Најави и јавна расправа за новата дозвола на „Усје“, како и засилување на контролни механизми.
„Државната лабораторија се екипира. Надмината е пречката за нови вработувања, ангажирана е човек, се очекува уште еден да биде ангажиран“, рече министерот.
Една од клучните мерки што се подготвува е Регистарот на загадувачи, кој ќе биде тема и на состанок со индустриските оператори во април. Регистарот ќе содржи податоци за емисии на загадувачи, пренос на отпад, потрошувачка на енергија, вода и суровини и ќе овозможи споредливи и сигурни информации.
„Ова не е само техничко решение, туку механизам за зголемена одговорност кај сите што имаат интегрирана еколошка дозвола“, беше истакнато.
Дополнително од министерството појаснија дека регистарот ќе опфаќа мерења што ќе ги проследуваат самите индустрии.
Хоџа посочи дека институциите работат и на мерките за намалување на загадувањето од греењето. Во 21 јавен објект веќе е сменет системот за греење, како дел од поширок процес кој треба да опфати околу 70 објекти. Паралелно, потсети дека е активна и мерката за субвенционирање инвертер-клими, со која 4.700 домаќинства ќе добијат уреди со повисока енергетска ефикасност.
Министерот најави расправа за Белчишко Блато за заштитено подрачје и јавна расправа на Закон за природа, кој ќе биде објавен на ЕНЕР.
„Сите треба да имаме удел во одлуките поврзани со заштитата на животната средина“, нагласи министерот.
Дополни дека во владина процедура наскоро ќе влезат законите за Студенчишко Блато и Охридското езеро.
Регионалните центри за отпад работат според предвидената динамика, паралелно се спремаат тендери за нови регионални центри.
„Прво ќе почнеме со Новаци и Русино, во тек е постапката за Свети Николе“, рече министерот.
За Колекторскиот систем за Скопје, чија претходна ИПА 2 постапка беше раскината поради неквалитетна изведба, сега продолжува со национално финансирање. Во тек е тендерската постапка за довршување на преостанатите 900 метри, додека пречистителната станица е во изградба и треба да биде завршена до 2029 година.
„По пуштањето во употреба, цената за водата може благо да се зголеми, бидејќи трошокот за третман на отпадни води ќе се пресметува преку фактурите од Водовод, во надлежност на локалната власт“, информираа на брифингот.
За малата депонија во Охис е формиран интер-партнерски фонд за чистење. До сега се исчистени три од пет базени, а проценките се дека има до 1.000 тони отпад со хексахлороциклохексан (HCH) и дополнително загадена почва.
„Договорот за дополнителни средства е веќе потпишан, а тендерската документација е во изработка. Владата има заклучок да обезбеди средства за наредните три години“, посочија тие.
Во однос на репрогласувањето на Националниот парк Маврово, информираа дека по повеќе од 40 години, Маврово се подготвува за репрогласување. Постапката е пред јавна расправа, студијата е готова, а дополнително се анализира сегментот на строга заштита.
Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, на брифингот информираше дека биле спроведени 366 надзори, издадени 108 решенија и иницирани казни од над 450.000 евра.
Во март е направен и вонреден надзор во „Усје“, со мерени тешки метали. Резултатите се очекуваат во наредните денови.






