петок, 5 декември 2025

Министерството за земјоделство по завршен откуп на грозје предлага субвенција

Mинистерството за земјоделство предложи, а Владата на последната седница ја усвои Програмата за изменување и дополнување на Програмата за спроведување на интервентниот фонд во земјоделството за 2025 година. Ова значи дека Министерството по завршениот откуп на винската сорта вранец или кратошија ќе субвенционира 10 денари по килограм до максимум откупени два милиони килограми од тоа грозје. По многу основи, велат познавачите на овој бизнис, оваа одлука е спорна.

Објавено на

часот

Сподели

Откупот е веќе завршен и Државниот инспекторат за земјоделство веќе знае која компанија колку откупила. Според информациите на нашите извори, повеќе од еден милион килограми грозје од овие сорти откупила само една компанија, сите други се во рамките на откупени од 20 до 30 илјади килограми грозје од овие сорти. Од Министерството за земјоделство не добивме одговор кои компании и колку килограми вранец или кратошија откупиле иако откупот е веќе завршен. „Државниот инспекторат за земјоделство ќе изврши  контроли кај сите откупувачи и ќе утврди кој и во кој обем има извршено откуп во периодот што е наведен во мерката. Овие проверки се спроведуваат за да се обезбеди транспарентност, точност и фер пристап за сите земјоделци“, ни одговорија од Минитертвото за земјоделство..

Оваа програма на Министертвото за земјоделтво беше усвоена на последната седница на Владата и таа подразбира дека оние домашни производители на вино кои од 17 септември до 31 октомври откупиле винско грозје од сортите вранец или кратошоја ќе имаат право на 10 денари субвенција по килограм, но максималната количина на откупено винско грозје која е прифатлива за финансиската поддршка е до 2.000.000 килограми винско грозје по корисник. Или субвенцијата би била околу 300 илјади евра.

Од сите овие податоци може да се заклучи дека субвенцијата ќе ја добие само еден корисник. Според нашите неофицијални податоци најголем откуп на оваа сорта грозје извршила винаријата Мовино. Откупот е завршен, па одреден е лимитот. Во нерамноправна позиција се ставаат другите.

На оваа владина одлука веќе реагираа и од СДСМ. За нов ова е нов скандал што мириса на корупција.

„Одлуката не е за два, не е за три, туку за 10 денари по откупен килограм да им се додели на винариите! Владата на Мицкоски и министерството на Трипуновски нема пари по 3 денари да им даде на лозарите ама ќе им дава 10 денари по килограм на винариите откако преходно им даде два денари. Она што е еднакво запрепастувачки е што периодот е само за откупено грозје во периодот од 17 септември до 31 октомври. Ова е скандалозно и недозволиво, а мириса, смрди и на корупција.

Оваа наменска мерка на владата значи финансиска поддршка само за многу мал број на винарии, а не за лозарите. Зошто мал број винарии се поважни од лозарите? Висината на финансиската поддршка од десетина милиони денари е оргомна, а се однесува на мал број на корисници.

Го прашуваме министерот Цветан Трипуновски врз основа на која анализа е донесена ваквата мерка? Дали е дискутирана со потсекторската група и дали наидува на одобрување на производителите и откупувачите? Дали оваа мерка е креација на договор во четири очи и однапред се знае кој ќе ги добие парите?

СДСМ бара Владата да ја поништи оваа одлука веднаш бидејќи е на штета на лозарите и затоа што е основа за корупција“, соопштија од СДСМ.

A.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ