Дополнително, како што се посочува во соопштението на Министерството за здравство (МЗ), министерот Азир Алиу веќе најавил дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ја опфаќа и двонасочната размена на информациите меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот Мој термин со што ќе има јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства.
„Во здравството постојат јасно утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки, како и компетентни тела надлежни за нивна примена. Почитувањето на професионалниот интегритет на здравствените работници е задолжително, исто како и почитта кон правата на пациентите. Одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но и на право на второ стручно мислење. Пациентите треба да се чувствуваат охрабрени да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење — тоа е дел од добрата медицинска практика. Оваа тема бара трезвен пристап и почит кон фактите а безбедноста на пациентите, медицинската етика и медицината заснована на докази се основните принципи врз кои се заснова пристапот на здравствениот систем, наведуваат од Министерството и потенцираат дека тие принципи се основата и на новиот пристап на нивното раководење. Здравствениот систем се заснова на доверба и затоа секоја јавна комуникација треба да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и без поистоветување на поединечни случаи со целиот систем. Секако дека секој има право на свое мислење, а посебно ако тоа е поткрепено со аргументирани факти, но исто така сметаме дека потребно е да се избегнуваат изјави кои водат до генерализации и сензационализам, пишува во соопштението од МЗ.
Во врска со изјавата на проф. д-р Сашко Кедев денеска реагираа од приватната клиничката болница „Аџибадем Систина“ од каде велат дека одлуките за третман и интервенции се носат исклучиво со мултидисциплинарен пристап, базиран на медицински индикации и највисоки етички стандарди, а веќе 10 години болницата е акредитирана и работи по највисоките ЈCI стандарди за безбедност и квалитет.
„Во изминатите 25 години, болницата никогаш не извршила хируршка интервенција без јасна медицинска индикација. Нашиот приоритет отсекогаш бил и ќе остане – здравјето и безбедноста на пациентите. По повод изјавите на проф. д-р Сашко Кедев изнесени во емисијата ‘На врв на светот’ на Канал 77, во која се споменува од страната на новинарот името на Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’, остро ја осудуваме содржината и пораката на ваквиот јавен настап. Овие тврдења се неосновани, го нарушуваат угледот на нашата реномирана установа и на нашите доктори, и непотребно внесуваат страв кај постоечките и идните пациенти. Ја уверуваме јавноста дека наводите за наводни непотребни хируршки интервенции во една приватна болница, наводно врз основа на профит, се целосно неточни и не може да се однесуваат на ‘Аџибадем Систина’, затоа што нема основа. Бидејќи во изјавата, д-р Кедев, посочува една приватна болница, притоа не споменувајќи за која станува збор, бараме точно да се изјасни за која приватна болница се однесува неговата изјава. Во спротивно ќе преземеме соодветни правни чекори и ќе поднесеме тужба поради клевета и нарушување на угледот. Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’ и понатаму ќе остане посветена на врвната здравствена грижа, транспарентност и интегритет, секогаш водејќи се за најдоброто за пациентите“, пишува во реакцијатаа од оваа Клиничка болница.






