Во денешното соопштение наведуваат дека децата имаат природно право да растат во семејна средина, а нивниот најдобар интерес треба секогаш да биде водечка осова за одлуките што се носат во однос на нивната грижа.
„Министерството континуирано инвестира во реформата за заштита на децата, вклучително и зајакнување на системот за поддршка на децата со попреченост, зајакнување на системот на згрижување, и поддршка на семејствата во ризик. Семејната грижа е најдобрата алтернатива за децата без родители или без родителска грижа. Таа не се однесува само на обезбедување на покрив над главата на детето, туку на пружање на топлина, љубов и емоционална поддршка кои само семејството може да ги обезбеди“, стои во соопштението.
Според последните податоци, додаваат, во земјава има 380 згрижувачки семејства и 627 згрижени корисници.
„Горди сме дека во нашата земја, изминатите пет години ниту едно дете без родителска грижа под 18 години не е сместено во резиденцијална институција. Над 80 проценти од овие деца се во згрижувачки семејства, а останатите во мали групни домови. Министерството работи и на проширување на капацитетите за предучилишното образование, со цел повеќе деца да имаат можност да посетуваат градинка и на тој начин да обезбедат подобри шанси за успех во следните нивоа на образование … Нека е честит 1 јуни – Меѓународен ден на детето и Меѓународен ден на згрижувачките семејства“, додаваат од Министерството.