сабота, 17 јануари 2026

Министерството за социјална политика остро ги демантира тврдењата на Левица за случајот во ЦСР Тетово

Министерството за социјална политика, демографија и млади најостро ги демантира тврдењата изнесени во јавноста, оценувајќи ги како неосновани и спротивни на фактите, дека институциите не постапувале по случајот во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Тетово, изнесени од Левица. 

Објавено на

часот

Сподели

Од Министерството информираат дека Инспекциската служба редовно спроведува редовни, вонредни и контролни инспекциски надзори во Центарот за социјална работа Тетово, при што континуирано се следат постапките за остварување на правата од социјална заштита, меѓу кои гарантирана минимална помош, социјална сигурност за стари лица и паричен надоместок за помош и нега од друго лице.

Во рамки на спроведените надзори редовно се изрекуваат инспекциски мерки за отстранување на утврдените неправилности, а по нивното исцрпување, согласно закон, се поведуваат постапки за утврдување одговорност, вклучително и поднесување пријави до надлежните органи. Министерството посочува дека значителен дел од кривичните постапки што се водат пред Јавното обвинителство се иницирани токму од инспекторите, самостојно или во координација со Обвинителството.

Во текот на 2024 година во Центарот за социјална работа Тетово биле спроведени два вонредни инспекциски надзори по пријави од граѓани, како и шест контролни надзори за следење на претходно изречени мерки, при што биле утврдени неправилности во 76 предмети. Дополнително, биле донесени решенија со инспекциски мерки за уште седум предмети.

Во 2025 година бил спроведен еден редовен и еден вонреден инспекциски надзор, при што биле утврдени неправилности во вкупно 11 предмети, како и шест контролни надзори за проверка на спроведувањето на веќе изречените мерки.

Вкупно, во сите извршени надзори биле констатирани неправилности во 94 предмети, од кои во 88 предмети неправилностите се целосно отстранети и постапките се затворени. За шест предмети утврдени во еден надзор во 2025 година, контролата ќе следи по истекот на рокот за спроведување на наложените мерки.

Од Министерството нагласуваат дека во сите случаи на неоснована исплата на средства, инспекторите ги задолжуваат надлежните институции да постапат согласно закон, како и да се преземат дисциплински, прекршочни или кривични мерки против одговорните лица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ