вторник, 3 март 2026

Министерството за култура и туризам на 60. Меѓународен саем на туризам во Берлин

Република Македонија учествува на јубилејното, 60-то издание на најголемиот меѓународен саем на туризам „ИТБ Берлин“, кој се одржува од денеска до 5 март во Берлин, соопшти Министерството за култура. Оттаму уште се пофалија дека премиерата на филмот „Диџеј Ахмет“ во Брисел, Белгија ја одушевил публиката.

 

Објавено на

часот

Сподели

Македонската делегација, која на саемот во Берлин ја предводи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, придружуван од националниот координатор за туризам, Акан Махмут, ќе реализира повеќе билатерални средби со цел интензивирање на туристичката соработка, зголемување на туристичкиот промет и заеднички настап на трети пазари.

„На националниот штанд од 93 квадратни метри годинава се претставуваат рекорден број учесници од туристичкиот сектор од земјава, вклучувајќи македонски туроператори за дојдовен туризам, хотелиери и ТАВ-аеродроми Македонија. Учеството на саемот во Берлин е уште една потврда дека како држава  продолжуваме со активна промоција на туристичките потенцијали на нашата земја, со фокус на одржлив развој, диверзификација на понудата и стратегиско позиционирање на клучните пазари“, соопшти Министерството за култура и туризам.

Во соопштението наведува дека според Државниот завод за статистика, во 2025 година Северна Македонија  ја посетиле 91 290 германски туристи, што е зголемување од 141 процент во однос на 2024 година.

„Во истиот период се реализирани 143 138 ноќевања, а тоа е раст од 93 отсто споредено со претходната година.  Германските туристи најчесто ги комбинираат културниот туризам, природата, гастрономијата и автентичните локални искуства, особено ги ценат Охрид и Охридскиот Регион, како и ситибрејк во Скопје со посета на кањонот Матка. Тие покажуваат значителен интерес и за вински тури, дегустации на локална храна, рурални искуства и активен туризам, што претставува силна основа за понатамошно позиционирање на земјава како атрактивна и автентична европска дестинација“, наведува Министерството за култура и туризам.

За саемот „ИТБ Берлин“ посочува дека од 1966 година е водечка глобална платформа за туризмот, каде што се среќаваат претставници од туристичкиот сектор, туроператори, авиокомпании, хотели и медиуми. Годинава земја партнер на саемот е Ангола.

Од Министерството уште се пофалија дека премиерата на филмот „Диџеј Ахмет“ во Брисел, Белгија ја одушевил публиката.

Европската премиера на играниот филм „Диџеј Ахмет“, режисерско деби на Георги Унковски, која вчеравечер се одржа во „Синема галери“ во Брисел, го привлече вниманието на претставници на европските институции, дипломати, филмски професионалци, гости и љубители на седмата уметност, се наведува во соопштението на Министерството.

Пред проекцијата се обрати министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој пред публиката истакна дека прикажувањето македонски филм во срцето на Европа претставува значаен успех и силна потврда за квалитетот на домашната кинематографија.

„Чест ми е што вечерва, овде во срцето на Европа, во Брисел, го одбележуваме премиерното прикажување на македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“. По оваа проекција, верувам дека сите ќе почувствуваме колку филмот може истовремено да биде длабоко локален по својата приказна, а сепак универзален по емоцијата и пораката што ја носи“, истакна министерот Љутков.

Како што се наведува во соопштението, тој упати искрени пофалби до авторскиот и продуцентскиот тим нагласувајќи дека филмот претставува уметничко остварување што достоинствено ја претставува државата на европската сцена и е доказ за зрелоста, креативната храброст и меѓународниот потенцијал на македонската кинематографија.

Љутков додаде дека филмот е резултат и на силна меѓународна соработка и доверба меѓу партнерски институции и нагласи дека тоа е потврда дека кога се работи заеднички, може да се создаде вредност што ги надминува границите и говори на јазик разбирлив за сите.

„Ова не е само уметничко дело, туку резултат на соработка, доверба и заедничка визија. Копродукциските проекти се одлична можност нашите автори и продуценти да станат дел од поширока европска мрежа, да добијат пристап до нови пазари и нова публика и на тој начин малите кинематографии да бидат рамноправен и видлив дел од европскиот аудиовизуелен простор“, рече министерот.

По проекцијата, се одржа панел-дискусија посветена на улогата и значењето на копродукциите во европскиот аудиовизуелен сектор.

„Премиерата и панел-дискусијата претставуваат уште една потврда за активното присуство на македонската култура на европската сцена и за континуираната заложба за продлабочување на соработката со европските партнери“, соопшти Министерството за култура и туризам.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ