петок, 13 јуни 2025

Министерството за финансии не дава пари за вработувања во струмичките градинки, тврдат надлежните

Градинките „Детска радост“ и „Виножито“ во Струмица предупредуваат дека може да дојде до испишување на деца откако вчера Министерството за финансии не одобрило средства за нови вработувања по основ на заминување во пензија. Двете директорки Фроска Хаџи-Тосева и Софија Димитриева денеска изјавија дека сакаат со нивната изјава да допрат до свеста на одговорните за, како што посочија, хаосот што се случува.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

„Градинкта  ‘Детска радост’ во периодот од 2025 година имаат веќе 10 пензионирања и уште пет кои следуваат до септември, па затоа побаравме од Министерството за финансии да ни овозможи десетте места да продолжат со нови вработувања во континуитет за да не трпат дечињата. Иако во моментов ширум државата се доделија согласности од истото Министерство низ сите општини во државата, нашата општина, односно нашите градинки добија нула места за персонал кој е од нужно значење за нормално функционирање на истите“, рече Хаџи Тосева.

Таа апелира средствата да бидат најитно доделени оти во спротивно постои можност за намалување на реалниот капацитет за уписите во септември, со што и постоечките запишани деца би биле без места во градинките.

Директорката на „Виножито“, Софија Димитриева, која загрижува околу 380 деца, рече дека доколку добие согласност за нови вработувања, може да згрижи уште седумдесетина деца, но и тие вчера не добиле позитивен одговор од Министерството за финансии.

Состојбата со недобивање на средства за вработување во струмичките градинки денеска беше на дневен ред на седницата на Советот, на која по меѓусебни обвинувања меѓу советниците, беше изнесена информација од советничка на ВМРО-ДПМНЕ дека бил постигнат начелен договор за средба на министерката за финансии со општинското раководство за почетокот на наредната недела за да се најде решение на проблемот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ