Од МЕРМС велат дека од формирањето на министерството до денес, вкупно се донесени 34 одлуки за едностран раскин на концесии поради, непочитување на законските одредби за експлоатација на минерални суровини, неплаќање на концесиски надоместоци согласно утврдениот тарифник, непочитување на мерките за заштита на животната средина, пренесување на концесијата на друг субјект без согласност и експлоатација надвор од одобрениот експлоатационен предел.
Во моментов, велат оттаму, во тек се и повеќе постапки за раскин или одбивање на продолжување на концесии по исти или слични причини. Во истиот период констатиран е и раскин на 11 дозволи за експлоатација поради истек на договорот за концесија. МЕРМС води и регистар на одземени концесии и тој од следниот период поради поголема транспарентност ќе биде јавно објавен на сајтот на министерството.
„Нашата цел е транспарентно и одговорно управување со природните ресурси. Со засилената контрола и примената на законските мерки, обезбедуваме фер и одржлива експлоатација, која носи економски придобивки за државата и поддршка за локалните заедници. Овие одлуки се директна последица на посветените активности и системската работа на Министерството за воспоставување на највисоки стандарди за транспарентно и фер управување со природните ресурси, подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите“, вели министерката Сања Божиновска.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини потенцираат дека спроведуваат засилени инспекциски контроли како редовни така и вонредни за усогласеност со законските обврски. Исто така изречени се и писмени опомени и санкции, испратени се предупредувања до концесионерите, а едностран раскин на договори се применува кон оние кои не ги почитуваат законите.






