Целта е, како што се посочува, да се регулира употребата и на новите никотински производи, имајќи предвид дека тие создаваат чад или аеросол со штетни материи, а според последните истражувања, овие производи често полесно создаваат зависност.
Исто така, предвидена е забрана за производство, увоз и продажба на никотински производи со: овошни, слатки, ментол, билни и други вкусови за кои се смета дека ја олеснуваат првата употреба и ја забрзуваат зависноста. Ова претставува една од најсилните превентивни мерки и во европските земји, информираат од Министерството.
„Примарна цел на овој сегмент од законот е заштита на здравјето на младото население, за кое најновите истражувања покажуваат дека меѓу учениците на возраст од 13 до 15 години вкупно девет отсто моментно користат електронски цигари, 4,9 отсто од учениците моментно користат тутунски производи што се загреваат, а 10,6 отсто пријавиле дека некогаш ги користеле“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Воедно, предлог-законот за заштита од пушењето е усогласен со глобалните јавно здравствени политики и со насоките на Светската здравствена организација преку рамковната конвенција за контрола на тутунот. Тој воспоставува сеопфатен систем, кој ги следи клучните принципи на конвенцијата: заштита од изложеност на чад, ограничување маркетинг, промоција, спречување индустриско влијание преку спонзорства, контрола на достапноста и мерки за превенција и поддршка за откажување“, се наведува во соопштението.






