Како што информираат од Министерството за транспорт, екипите на ЈП „Македонијапат“ се целосно екипирани и со цела механизација и работна сила на терен вршат континуирано чистење на државните патишта.
Се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
„Во текот на целиот ден остануваме на терен со цел што понепречено и безбедно одвивање на сообраќајот“, велат од Министерството за транспорт.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира возачите да возат внимателно и одговорно во зимски услови и порачува дека само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата зашто секој живот е важен.
Апелираат возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја приспособат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да избегнуваат нагли запирања и да одржуваат безбедно растојание помеѓу возилата, со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
„Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание и концентрација за време на управување со возилото“, посочуваат од РСБСП.
Поради интензивните снежни врнежи и лизгавите коловози, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително користење на пропишаната зимска опрема.
„Пред поаѓање на пат неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови. Направете проверка на возилото, која опфаќа: техничка изправност, проверка на нивото на антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“, велат од РСБСП.






