На состанокот се разговараше за надминување на проблемите со кои се соочуваат транспортерите во земјите на шенген зоната како и изнаоѓање на долгорочни решенија за превозниците.
Николоски ја поздрави иницијативата на ЕК за надминување на проблемот и преку аргументирани факти го истакна ставот на Владата преку кој се бара соодветно решение за овие категории на работници, поради потребата од извршување на работните обврски во рамки на земјите од шенген-зоната.
Во очекување на трајно решение, Николоски додаде дека е потребно Европската комисија реално да го идентифицира проблемот со транспортниот сектор и непречениот транспортен тек и во најскоро време да импелментира соодветни мерки кои ќе обезбедат предвидливост и непречена работа на транспортните компании кои работат во меѓународниот патен сообраќај.
Претставниците на Европската комисија ја потврдија новата визна стратегија на ЕУ во која превозниците се прифатени како професионалци и беше истакнато дека ја разгледуваат можноста оваа категорија на работници да биде третирана исто како и пилотите и машиновозачите.
На состанокот беше потврдено дека биометриската евиденција преку електронскиот систем за влез и излез од/во земјите од шенген-зоната, наместо од почетокот од април, се одложува до септември оваа година.
Во меѓувреме се формира работна група на експертско ниво која веќе следната недела треба да се состане и да ги материјализира заклучоците од денешниот состанок на високо ниво.
На состанокот ЕК ја потенцираа важноста на транспортниот сектор и влијанието врз целокупната економија и најавија целосна посветеност во изнаоѓање на трајно прифатливо решенија кое е во интерес на сите засегнати страни.
Исто така на состанокот беше потенцирано дека ова е многу важна тема за Европската Унија и во наредниот период ќе се продолжи комуникацијата меѓу сите засегнати страни.
„Информираме дека Владата веќе изрази целосна подршка на превозниците и во насока на изнаоѓање на прифатливо решение за истите ги презема сите мерки што и стојат на располагање со цел да се овозможи непречена работа во рамки на меѓународниот патен сообраќај“, се вели во соопштението на Министерството за транспорт.






