четврток, 8 мај 2025

Министерот Зоран Љутков се извини за неисплатените плати во институциите од културата

По серијата вчерашни реакции од културните работници, синдикатот, па и од политичките партии за неисплатените мартовски плати во институциите под надлежност на Министерството за култура и туризам, денеска за доцнењето на исплатата, преку Фејсбук се извини министерот Зоран Љутков.

Објавено на

часот

Сподели

„Како ваш колега и министер за култура и туризам, сакам искрено и длабоко да ви се извинам поради тоа што се случи – платите да доцнат и да не бидат исплатени пред велигденските празници.

Свесен сум дека тоа е голем проблем кој предизвика непријатност за вас и вашите семејства, уште повеќе што ова треба да се денови на радост и семејна прослава. Искрено жалам што дојде до ова доцнење и покрај сите мои напори да се стигне на време.

Причината за ова е долгогодишниот, нерешен проблем со усогласувањето на платите на вработените во културата, што пак секоја година создава огромни проблеми. За конечно и трајно да го надминеме овој предизвик мораше да се усогласат сите засегнати страни, што не било пракса во минатото и сето тоа за жал, доведе до доцнење со исплатата.

Ве уверувам дека оваа постапка која се одвиваше деновиве има за цел да создаде основа за подобро, поправедно и достоинствено вреднување на нашата работа во иднина. Ви се заблагодарувам на трпението, разбирањето и професионалноста што ја покажувате.

Од мое име ви се извинувам и ве уверувам дека посветено работиме ваквите ситуации никогаш повеќе да не се повторат“, напиша министерот Љутков на Фејсбук.

Министерството за култура и туризам вчера попладне информираште дека вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат платите со потребното зголемување, во првите два работни дена следната недела, согласно законот и Колективниот договор.

Пред објавата на министерството, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) најави протестен совет во проширен состав на 22 април 2025, вторник, во 12 часот пред Министерството за култура.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ