понеделник, 9 март 2026

Министерот Филков на чело на работната група за реформи во Изборниот законик

Во Министерството за правда денеска се одржа конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, со која ќе претседава министерот за правда Игор Филков. На седницата, како што информираат од Министерството, е дискутирано за Деловникот на работа и начинот на работа на работната група. Во меѓувреме партијата ДОМ денеска соопшти дека вистинската изборна реформа почнува со една изборна единица.

Објавено на

часот

Сподели

Следната седница на работната група за реформи во изборното законодавство е закажана на 23 март, а на членовите на работна група ќе им биде доставен текстот на измените на Изборниот законик кој ќе биде работен документ а го подготвило Министерството за правда во јуни 2025 година и во којшто се вметнати препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Министерот за правда Игор Филков изјавил дека целта е да се изгради стабилен, кредибилен и инклузивен изборен систем, усогласен со европските стандарди и добрите меѓународни практики.

„Овој процес бара политичка зрелост, дијалог и консензус. Очекувам конструктивна дебата и активно учество од сите членови, затоа што реформите во изборното законодавство се од суштинско значење за демократскиот развој на државата и зајакнување на довербата на граѓаните во изборниот процес“, посочил Филков.

Потенцираат дека Министерството за правда останува целосно посветено на транспарентен и ефикасен процес, со јасна динамика и конкретни резултати во периодот што следува.

Во меѓувреме партијата ДОМ денеска соопшти дека вистинската изборна реформа почнува со една изборна единица.

„Наместо дискусијата да се сведува само на бројот на пратеници, неопходно е во прв план да се постави прашањето за моделот на избор на пратениците и за еднаквоста на гласот на граѓаните. ДОМ подолг период се залага за воведување една изборна единица, како решение што ќе обезбеди секој глас да има иста тежина и ќе овозможи поправедно политичко претставување. Постојниот систем со повеќе изборни единици со години создава диспропорции во вредноста на гласот и ја ограничува вистинската политичка конкуренција. Во таа насока, ДОМ повторно ги истакнува своите клучни предлози за изборни реформи, воведување една изборна единица на целата територија на државата, отворени листи, со што граѓаните ќе имаат поголемо влијание врз изборот на пратениците, правила што ќе обезбедат поголем демократски плурализам и фер политичка конкуренција“, велат од ДОМ.

ДОМ ги повикува политичките партии, експертската јавност и граѓанските организации да ја искористат оваа можност за сериозна и суштинска расправа за изборните реформи. На државата ѝ е потребен изборен систем што ќе обезбеди поголема правичност, транспарентност и вистинско претставување на граѓаните.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ