„Досега, почитувајќи го принципот на поделба на власта, не сум коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки. Тоа е темел на правната држава. Но кога одлуките отвораат сериозни дилеми и ја доведуваат во прашање еднаквоста пред законот, должност ми е да побарам отчетност“, рече Филков.
Министерот рече дека јавноста има право да знае како лице кое 14 месеци било во бегство, за кое има ризик од бегство, добило куќен притвор, кои се правни аргументите за ваквата одлука.
Тој јавно ги повика сите инволвирани во постапката да дадат детално и транспарентно образложение за своите одлуки и додаде дека одговорноста мора да биде лоцирана со име и презиме.
„Јавно ги повикувам сите актери во постапката да дадат објаснување. Јавниот обвинител Даниел Коцев треба да објасни врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи даде позитивно мислење за замена на притворот? Раководителот на обвинителството Анел Фидоски да каже дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот? Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски да каже под кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое веќе 14 месеци беше недостапно?”
Филков рече дека побарал објаснување и од надлежните институции во однос на условите во притворските установи и најави вонреден надзор во казнено-поправните установи со цел утврдување на безбедносната состојба.
„Залудно носиме закони ако не се спроведуваат. Залудно зборуваме за реформи ако практиката ја руши довербата. Ова не е прашање на политика, туку на принцип“, рече Филков.






