На средбата, како што се наведува во соопштението, било нагласено дека Министерството внимателно ги следи реакциите и ставовите на дигиталните креатори и дека процесот на креирање политики во оваа област ќе се води преку транспарентни консултации со сите засегнати страни. Целта, додаваат оттаму е да се обезбеди современа и балансирана регулатива која ќе го поддржи развојот на дигиталната економија и креативните индустрии, притоа почитувајќи ја во целост регулативата на ЕУ по ова прашање.
Учесниците се согласиле дека е потребен отворен и инклузивен процес во кој инфлуенсерите, институциите и регулаторот заеднички ќе работат на унапредување на регулативата и создавање јасна правна рамка за дигиталните содржини. Во наредниот период, се додава во соопштението, ќе продолжат консултациите за разгледување на предлозите и забелешките на здруженијата на креатори на содржини и другите заинтересирани страни.
„Министерството за дигитална трансформација останува посветено на создавање дигитален екосистем кој поттикнува иновации, одговорност и доверба во онлајн просторот“, се нагласува во соопштението.






