Според министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, направено е зголемување на минималната плата согласно законски утврдените критериуми во Законот за минимална плата.
„Ова е системско и законско решение кое предвидува зголемување на минималната плата согласно економските движења, штитејќи го животниот стандард на работниците и водејќи сметка за економијата на нашата држава“, рече Дурмиши на прес-конференција.
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница на Економско-социјалниот совет истакна оти минималната плата се зголемува и оти ќе почне да се исплаќа со мартовската плата. Не прифаќаат вели тој, обврски за некој друг мандат по истекот на овој во 2028, туку ги преземаат тие кои сакаат да ги исполнат во постојниот мандат. За жал, вели тој, ова е Влада која, исто така, ќе мора да ги реши сите оние напластени проблеми коишто се наследени од минатото, поради нестручното, несовесното и лошото менаџирање, прво со владините ресурси, а потоа и со креирање на политиките на државно ниво.
„Откако сме избрани како Влада до сега, ги имаме регулирано односите со нашите колеги во најголем дел. Кога ќе кажам во најголем дел, тоа е 95, па и повеќе проценти, преку колективни договори кои што имаат краен рок на реализирање до 2028 година“, рече Мицкоски на денешната седница на Економско – социјалниот совет.
Премиерот посочи дека за разлика од претходно, оваа Влада се однесува одговорно и презема обврски за реализирање само до мандатот до 2028 година.
„Се однесуваме одговорно. Одговорно во рамките на мандатот што сме го добиле од граѓаните, не преземаме обврски како тоа што било случај во минатото за периодот после 2028 година, односно после мандатот на оваа влада. Едноставно сакаме да сме одговорна влада. За жал, влада којашто ќе мора да ги реши сите оние напластени проблеми што се наследени од минатото, поради нестручното, несовесното и лошото менаџирање, прво со владините ресурси, а потоа и со креирање на политиките на државно ниво“, рече тој.
Мицкоски додаде дека изминатиот период е постигнат договор со синдикатите УПОЗ и САДУ за повисоки плати на административците, посочувајќи дека во тој договор влегле и други синдикални организации коишто не биле дел од првичните преговори.
„Што се однесува до останатите параметри, нашиот став е јасен за јавноста и тука немаме никаква дилема. Последното коешто требаше да го затвориме, како би рекол условно кажано отворено прашање, тоа беше договорот кој го потпишавме со синдикатите УПОЗ и САДУ и тоа го завршивме. Таму беа додадени и други синдикати коишто првично не беа дел од преговорите, но сакавме да имаме што е можно поголем опфат, и со тоа ние го затворивме и тоа отворено прашање, кое што некако лебдеше и на дел од седниците на Економско-социјалниот совет“, кажа Мицкоски.
Тој информираше дека на денешната седница на ЕСС е информација за висината на минималната плата која ќе биде во 2026 година согласно закон, укажувајќи дека очекува оваа информација да помине утре на владина седница.
„Денеска на дневен ред е информација за висината на минималната плата, која ќе биде во 2026 година согласно закон. Очекувам дека на следната владина седница да го поминеме и како Влада и потоа нормално согласно висината на минималната плата од април за март да почне истата да се исплатува“, истакна Мицкоски.
Додаде дека очекува бипартитниот дијалог меѓу работодавците и работниците да продолжи во иднина да се интензивира.
„Очекуваме да продолжи и да се интензивира бипартитниот дијалог помеѓу работодавачите и работниците. Ние како Влада секогаш стоиме на располагање да помогнеме во рамките на нашите можности и ингеренции. Сè што е во рамките на институциите, институционален дијалог треба да се охрабри, затоа што само така може да се дојде до конструктивно решение. Вонинституционални механизми секогаш постојат, демократска држава е Македонија, но ценам дека искуство вели дека сè што е во рамки на институциите носи решение. А сè што е надвор од рамките на институциите, мислам дека не само што не носи решенија, туку апсолутно ги поларизира нештата“, потенцира Мицкоски.






