среда, 18 февруари 2026

ФТ: Минималната плата мора да расте, но во чекор со продуктивноста

Зголемувањето на минималната плата само по себе не гарантира раст на продуктивноста и економскиот развој, предупредуваат економистите од Институтот за економски истражувања и политики (ИЕИП), Фајнанс тиник (ФТ) во најновата анализа посветена на ефектите од политиките за минимална плата во Македонија. Од Институтот предупредуваат дека без структурни реформи, покачувањата на минималната плата може да создаде нови ризици. Анализата го отвора прашањето дали растот на платите се темели на реална економска сила или на  административни одлуки со краткорочен ефект. ФТ анализира што навистина се случува кога минималната плата расте побрзо од продуктивноста, и дали ваквата политика може долгорочно да ја ослабне економијата наместо да ја зајакне.

Објавено на

часот

Сподели

Според анализата, клучното прашање не е дали минималната плата треба да се зголеми, туку со кое темпо и врз кои економски основи. Непропорционалното зголемување на платите, без паралелно создавање нова вредност, носи сериозни макроекономски ризици.

Инфлацијата останува клучен предизвик

Како што пишува во анализата на Фајнанс тиник, во јануари инфлацијата изнесува 3,2 проценти на годишно ниво, што претставува забавување во однос на декември кога била 4,1 отсто, но и натаму е над нивото што се смета за стабилно и над просекот во еврозоната од 1,7 отсто. Ова е особено важно поради фиксниот курс на денарот во однос на еврото.

Од Институтот посочуваат дека упорната инфлација е резултат на повеќе фактори, при што најзначаен е растот на платите. Во периодот 2017–2024 година, просечната плата пораснала за 79,9 отсто, минималната плата за 88 отсто, додека продуктивноста на трудот се зголемила за 49,8 отсто, номинално. Оваа дивергенција, според институтот, е макроекономски неодржлива и директно создава ценовни притисоци.

„Инфлацијата во моментов не може едноставно и исклучиво да се објасни како ‘алчност на фирмите’, туку како комбинација на силна побарувачка и структурни пазарни ограничувања. Исклучок од ова претставува кризната 2022 година, кога растот на профитите го надмина растот на доходите на населението, укажувајќи дека фирмите го пренесувале глобалниот притисок врз цените на крајните потрошувачи, евентуално и повеќе од пропорционално што придонело кон акумулација на профити, и што дава поддршка на т.н. ‘солидарен данок’, кој беше поништен од Уставниот суд, како и целосна поддршка на спроведувањето на Законот за нефер трговски практики и следењето евентуални антиконкурентски однесувања од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Според тоа, потенцијалното значајно и непропорционално зголемување на масата на плати во економијата на краток до среден рок ќе донесе само упорни цениодносно инфлациски притисок кој нема да може лесно да се заузда без особено рестриктивни монетарни и фискални мерки. За социјалниот дијалог особено е важно минималната плата да биде порамнета со создавањето нова вредност во економијата, односно со продуктивноста“, велат од Фајнанс тинк.

Според податоците за 2025 година, минималната плата во Македонија, пресметана според куповната моќ, е слична со онаа во Малта, Словачка, Црна Гора и Бугарија. Притоа, повисока продуктивност од овие земји има само во однос на Црна Гора. Од друга страна, Чешка, Латвија и Естонија имаат пониски минимални плати, но повисока продуктивност.

Овие споредби, наведува Институтот, укажуваат дека растот на минималната плата мора да биде внимателно калибрирана за да не ја наруши конкурентноста.

Фискални ризици и државна помош

Освен инфлацијата, вториот ризик се однесува на јавните финансии. Буџетскиот дефицит останува над 3 отсто од бруто домашниот производ (БДП), а јавниот долг се приближува кон границата од 60 отсто од БДП. Во такви услови, велат од ФТ, дополнително субвенционирање на платите би значело директен притисок врз фискалната консолидација.

Институтот потсетува дека во периодот 2019–2022 година биле воведени субвенционирани придонеси за раст на плати, што претставувало една од најголемите ставки на државна помош. Преземањето нови обврски за државно финансирање на платите, според анализата, треба целосно да се исклучи како можност.

„Преземањето обврски за државно субвенционирање на платите не само што оневозможува смирување на инфлацискиот притисок, туку е и директен атак врз фискалната консолидација и префрлање на трошокот од приватниот сектор кон сите даночни обврзници, и во таа смисла треба да биде целосно исклучено како можност“, се наведува во анализата на ФТ.

Третиот ризик се однесува на пазарот на труд. Според анализата, иако значителен пораст на минималната плата веројатно нема директно да доведе до масовни отпуштања, постои сериозна опасност од зголемена деформализација или полуформализација на работните места.

„Тоа би значело отсуство на писмен договор за вработување (целосно неформален работник) или осигурување на работникот на помалку работни часови од неговото фактичко работно време и исплата на остатокот преку т.н. плата во плико (делумно неформален работник). Оваа линија на прилагодување во услови на значаен пораст на минималната плата е многу веројатна, имајќи ја предвид тенденцијата на пораст на уделот на неформалните работници во последните неколку квартали. Овој тип на прилагодување е особено штетен затоа што ја поткопува и заштитата на работниците и приходната база на државата“, предупредуваат од Фајнанс тинк.

Во заклучокот, Фајнанс тинк оценува дека растот на минималната плата е социјално оправдан, но мора да биде усогласен со продуктивноста и економската реалност. Во спротивно, постои ризик од упорна инфлација, ограничен фискален простор и натамошно ширење на неформалната економија.

„Фајнанс тинк препорачува Владата активно да се вклучи во социјалниот дијалов како трета клучна страна и медијатор помеѓу работниците и работодавачите, со аргументирана и базирана-на-докази поддршка. Признавањето на фактичката состојба од сите учесници во социјалниот дијалог е основен предуслов за зачувување и на животниот стандард на работниците и на макроекономската стабилност“, пишува во заклучокот од анализата на ИЕИП.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ