„Како што знаете, во рамките на Владата е формирана работна група од експерти од областа на уставното право, којашто работи на содржината на законот за правична застапеност. Јас како министер не сум дел од таа работна група и затоа не би можел да кажам во овој момент до каде е содржината на тој закон. Сакам да истакнам дека правичната застапеност на етничките заедници во државата, согласно потпишаниот Охридски договор, е уставна категорија“, рече Минчев.
Според Минчев, добро е што на ова законско решение работат ескперти, за повторно да не дојдеме во ситуација на евентуален поднесок до Уставниот суд и повторно поништување на одредени членови.
„Јас инсистирав и добро е што на тоа законско решение работат експерти, за да не се најдеме повторно во иста ситуација, во рамки на евентуален поднесок до Уставниот суд и повторно поништување на одредени членови од постојниот досегашен закон. Експертите од уставно право се гаранција дека ќе се направи таков закон, којшто како нацрт-верзија или предлог- верзија на тоа законско решение ќе биде пратен до Венецијанската комисија и потоа ќе влезе во собраниска процедура“, рече Минчев.
Во врска со најавите дека од 1 март, платите на административните службеници ќе се зголемат за просечно осум проценти на бруто основа, Минчев рече дека усогласувањето на платите е предлог на Министерството за јавна администрација, а законските решенија се во завршна фаза.
„На прес-конференција најавив пакет од четири реформски закони од јавната администрација и кажав дека усогласувањето на платите е предлог на Министерството за јавна администрација. Сите овие законски решенија тогаш беа испратени до надлежните институции, вклучувајќи го и Министерството за финансии, кои треба да се изјаснат по содржината на текстот на овие предлог-законски решенија. Во моментов, тие се во завршна фаза“, рече Минчев.
Тој додаде дека работна група од Министерството за јавна администрација работи на финализирање на текстот на овие закони со домашни експерти, но вклучени се и меѓународни експерти. Како што рече, одржана е седница на Советот за реформи во јавната администрација, што ја води премиерот и Минчев се надева дека до крајот на овој месец, поточно до крајот на април ќе бидат пратени во владина процедура. Се надева дека ќе бидат усвоени од Собранието до крајот на мај, или почетокот на јуни.
„Додека не ја имаме финалната верзија, не би можел да коментирам колкаво ќе биде усогласувањето на платите. Како што знаете, согласно постојните законски решенија, сите од јавната администрација добија линеарно зголемување на своите плати во износ од 1.800 денари, почнувајќи од април“, рече Минчев.