„Овие вредности се темел на нашата заложба за отворено владеење и се нераскинливо поврзани со нашата европска определба“, изјавил Минчев, нагласувајќи дека Владата останува цврсто определена кон европскиот пат, не само како геополитичка ориентација, туку како суштинска трансформација на општеството, при што отвореното владеење е клучниот механизам за зголемување на довербата и одговорноста на институциите.
Како што соопштија од Министерството за јавна администрација, тој ја поздравил посетата на претставниците од меѓународниот Секретаријат како значаен сигнал за довербата што Република Македонија ја ужива во рамките на глобалната иницијатива. На средбите со нив, посочил, се разговарало за предизвиците и идните насоки на реформскиот процес, вклучително и за иницијативата за одржување посебна владина седница посветена на Партнерството за отворена власт – јасен доказ за политичката волја за отчетност.
Во рамки на седницата се разгледувала имплементацијата на Акцискиот план 2024–2026 и се отворија прашања за понатамошно унапредување на јавната администрација, јакнење на граѓанскиот простор и борба против корупцијата. Министерот Минчев посебно го поздравил ангажманот на работната група за транспарентност во јавните набавки и ја нагласил важноста од споделување добри практики на претстојниот Глобален самит на партнерството.
Во тој контекст, било истакнато и вклучувањето на пратеници од Собранието на Република Македонија во активностите за унапредување на отвореноста, преку одржувањето на парламентарниот караван во Ресен – како една од веќе реализираните активности предвидени во Акцискиот план за отворен парламент. Оваа иницијатива, се додава во соопштението, претставува конкретен пример за доближување на пратениците до граѓаните и зголемување на отчетноста на законодавната власт.
„Отвореното владеење не е само обврска – тоа е одлука, цел и вредност што ја споделуваме. Денешната седница ја гледам како уште една мала победа – победа на отвореноста, дијалогот и демократијата“, истакнал министерот Минчев.