сабота, 26 јули 2025

Минчев – Тунјан: Експертската и институционална поддршка од СИГМА важна за реформските закони во администрацијата

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска имаше работна средба со Баграт Тунјан, раководител на тимот за стратешко планирање и развој на политики и државен менаџер за земјава во рамки на СИГМА – заедничка иницијатива на ОЕЦД и Европската Унија

Објавено на

часот

Сподели

„Во фокусот на разговорот беа новите реформски закони кои се во завршна фаза во собраниската процедура, како и за подзаконските акти кои треба да ја обезбедат нивната ефективна примена. Овие акти претставуваат след на првиот реформски пакет и се клучни за системска промена во управувањето со човечки ресурси, унапредување на институционалната отчетност и модернизација на јавните услуги“, соопшти Министерството за јавна администрација (МЈА).

Министерот Минчев ја истакна важноста од експертската и институционална поддршка од СИГМА во овој процес, особено во делот на консултациите за содржината на законите и обезбедување усогласеност со европските стандарди. Тој го најави и вториот пакет на реформски закони кои ќе се однесуваат на стабилност и предвидливост во управувањето со јавната администрација, ќе обезбедат поголема одговорност на раководниот кадар и ќе придонесат кон правичен и одржлив систем на плати.

Претставникот на СИГМА, Тунјан ја реафирмираше поддршката на СИГМА за реформскиот процес и изрази подготвеност за вклучување во сите фази на подготовка, од анализа и оценка, до стручна поддршка во изработка на подзаконските акти и воспоставување механизми за имплементација.

Двете страни се согласија дека континуираниот дијалог, координираниот пристап и партнерството меѓу Министерството и СИГМА се суштински за воспоставување современа, транспарентна и професионална јавна администрација, усогласена со европските вредности.

Министерството за јавна администрација, како што се нагласува во соопштението, останува целосно посветено на реализација на реформите во интерес на граѓаните и во тесна соработка со сите релевантни национални и меѓународни чинители.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ