понеделник, 26 јануари 2026

Минчев: Предлог-законот за висока раководна служба е клучен чекор за департизација на администрацијата

Предлог-законот за висока раководна служба претставува клучен реформски чекор за департизација, професионализација и зајакнување на мерит-системот во јавната администрација, изјави министерот за јавна администрација, Горан Минчев

Објавено на

часот

Сподели

Минчев во гостување на Телма посочи дека законот е дел од поширок реформски пакет кој го спроведува министерството, заедно со Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор. Целта, според него, е да се стави крај на партизацијата, непотизмот и вработувањата по партиски и други клучеви, и да се воведе систем заснован на знаење, квалитет и професионален интегритет.

Тој нагласи дека формирањето на Министерството за јавна администрација само по себе претставува потврда за постоење силна политичка волја за реформи, имајќи предвид дека законите што сега се носат повеќе од една деценија биле препорачувани во извештаите на Европската комисија, но не биле реализирани од претходните влади.

Со новиот закон, како што објасни Минчев, прецизно се уредуваат условите, мандатите и контролата на високите раководни позиции, со посебен фокус на вршителите на должност. На тој начин, според него, директно се намалуваат можностите за злоупотреби.

Во однос на роковите, министерот појасни дека, и покрај евидентираното доцнење во фазите на подготовка, законот е поставен на ЕНЕР уште во декември 2025 година и веќе е отворен процес на јавна и инклузивна дебата. Процесот, како што истакна, се води транспарентно и во партнерство со релевантни институции, граѓанскиот сектор и меѓународни партнери, меѓу кои Британската амбасада и Центарот за управување со промени.

Минчев додаде дека во согласност со договорот со Европската комисија е обезбеден и грејс-период за финализирање на реформата, и изрази уверување дека процесот ќе биде успешно заокружен.

Како што оцени, лидерската средба иницирана од премиерот претставува значаен чекор кон зајакнување на демократскиот амбиент и градење консензус за клучни законски решенија. На средбата, мешу другото е разговарано и за Законот за влада, кои измени и дополнувања се во завршна фаза во Министерството за јавна администрација, и се очекува во скоро време да влезат во собраниска процедура.

Најави дека на почетокот од новата година ќе биде доставен нов пакет реформски закони, подготвени да влезат во законодавна процедура.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ