Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, образложувајќи го законот, истакна дека реформите во јавната администрација треба да се водат како континуиран, транспарентен и инклузивен процес, во кој се вклучени сите засегнати страни.
„Овој закон, како и претходните реформи, не го носиме зад затворени врати, туку преку јасно дефиниран и отворен процес. Реформата во високата раководна служба не е техничка интервенција, туку одлука од највисок политички ранг, која бара одговорност и зрелост“, нагласи Минчев.
Со законот, како што рече, се воспоставува унифициран и транспарентен систем за именувањето, оценување и разрешувањето на директорите, нивните заменици, државните секретари, како и членовите на управните одбори и колегијалните органи. Принципот на мерит-систем, додаде станува системско правило, се воведува структурирана постапка со јавен повик, селекција и рангирање, со цел процесот да биде транспарентен.
Истовремено, додаде Минчев, не се негира уставната реалност на парламентарниот систем, високите раководители се дел од извршната власт, а конечната одлука за избор останува кај органот што ја носи политичката одговорност. Тоа, според министерот, не е отстапување од мерит-системот, туку институционално усогласување со демократската легитимност.
Како новина се најавува и реформата во однос на управните одбори, кои, како што рече, со години функционираа како проширени и често нефункционални структури, без јасно дефинирани критериуми и индивидуална одговорност. Минчев посочи дека составот на управните одбори се намалува на три члена, со акцент на квалитет наместо формално присуство, како и на лична и професионална одговорност, што се очекува да донесе и значителни заштеди во буџетот на државата.
Минчев истакна дека со законот се става крај на долгогодишната злоупотреба на институтот вршители на должност (в.д.).
„Привремените решенија често стануваа правило, што директно ја поткопуваше институционалната стабилност“, рече Минчев и додаде дека со новото законско решение се воведуваат строги временски ограничувања и јасно дефинирани услови за вршителите на должност.
Тој додаде дека се воспоставува механизам за следење и оценување на работата на високите раководители преку планови, извештаи и мерливи индикатори.
„Позицијата нема да биде статус, без оглед на резултатите, туку ќе биде поврзана со исполнување на стратешките цели и отчетност пред институциите и јавноста, а мандатот нема да значи апсолутна автономија и изолираност од одговорност“, рече Минчев.
Тој посочи законот е дел од пошироката реформска агенда на Владата и од обврските во процесот на европска интеграција.
„Држава што претендира да стане членка на Европската Унија не може да функционира без професионална, стабилна и отчетна администрација“, рече Минчев.
Тој додаде и дека овој закон не ја руши меритократијата, ниту ја партизира администрацијата.
„Тој воспоставува јасна рамка за позициите што по својата природа се хибридни – доволно професионални за да обезбедат квалитет, но и доволно поврзани со извршната власт за да гарантираат одговорност“, нагласи министерот.
Професорот Борче Давитковски оцени дека законот претставува правна основа за професионализација на високите функционери и јасно разграничување на управните од политичките функции.
„Недозволиво е некомпетентни лица со несоодветно образование да учествуваат во реализацијата на политики, а да не ја разбираат нивната суштина. Позитивно е што се укинува долгогодишната практика на вршители на должност, која во одредени случаи траеше и по пет години“, истакна Давитковски додавајќи дека намалувањето на бројот на членови во управните и во надзорните одбори ќе придонесе за поефикасно работење.
Тој посочи и дека со законот се поставува формално-правна бариера за „оние што лепат плакати“, а се охрабруваат стручните и компетентни кандидати да конкурираат за раководни позиции.
Тој нагласи дека Комисијата за селекција ќе ја има најважната улога – таа треба да ги избира компетентните и стручните лица.
„Сметам дека во самиот закон треба појасно да се утврдат нејзината положба и статусот. Иако законот предвидува Владата со Деловникот да ги уреди составот и работата на Комисијата, мислам дека со Деловникот треба само прецизно да се операционализира начинот на нејзиното функционирање. Доколку оваа Комисија не добие јасно дефинирана и заштитена улога, постои ризик од прекумерна политизација на процесот“, рече Давитковски.
Професорот Јахи Јахија од Тетовскиот универзитет, пак, посочи дека решенијата што се нудат во однос на вршителите на должност и намалувањето на управните одбори се повеќе формална отколку суштинска промена и додаде дека главниот проблем отсекогаш бил и сè уште треба да биде – како овие функционери да испорачуваат резултати.
Изборот на добри менаџери во јавните институции не е исто што и обезбедување квалитетни услуги во јавниот сектор. Освен формалниот избор, постојат и други клучни фактори што влијаат врз ефикасноста – организациската култура, политичката поддршка, ресурсите и системот на отчетност.
„Дали некој е вршител на должност или има четиригодишен мандат не е пресудно. Добриот менаџмент зависи од способноста за раководење и постигнување резултати. Изборот на добри менаџери не е исто што и обезбедување квалитетни услуги од страна на јавната администрација. Освен формалниот избор, постојат и други клучни фактори што влијаат врз ефикасноста – организациската култура, политичката поддршка, ресурсите и системот на отчетност, бидејќи постојат и други фактори, како организациската култура, ресурсите и политичката поддршка“, рече Јахија.
Законот предвидува мандатот на директорите да трае четири години, а според Јахија, тоа може да го отвори прашањето на кохабитација при промена на власта имајќи ја предвид досегашната практика на разрешувања пред истекот на мандатот, што, како што рече, доведува и до тужби и финансиски импликации.
Според него, мандатот на избраните лица треба да трае додека трае и мандатот на владата, потребно е јасно да се определат позициите, кои ќе бидат политички, а другите да бидат професионални и да подлежат на мерит-систем.
Според Благоја Гешоски, добро е што инспекцискиот надзор над примената на законот ќе го спроведува Инспекторатот надлежен за управна инспекција. Како позитивно го оцени и тоа што, освен органичувањето на назначување в.д., за овие лица ќе се бара исполнување исти критриуми, како што е и за оние што се со редовен мандат.
Сепак, напомна дека законот сам по себе не гарантира дека конечните решенија за избор на високи раководители ќе се однесуваат на најквалитетните кандидати и додаде дека можеби за некои аспекти, како изборот на најсоодветни лица за позициите, треба да се бара решение не само преку закони туку со политички договори на политичките фактори, кои би се договориле дека отсега ќе ги избираме најдобрите и најквалитетните, а не најподобните.






