Во своето излагање во рамки на првиот дел на конференцијата, министерот Минчев изјави дека силата на јавната администрација не се одразува во бројки, туку во нејзиниот квалитет и капацитет да испорачува резултати, односно таа треба да биде двигател на реформите, гарант на правната држава и партнер во процесот на интеграцијата во Европската Унија.
Тој потенцираше дека препораките од Извештајот на СИГМА не останаа само на хартија, туку истите беа преточени во конкретни мерки и активности, интегрирани во акциски план кој веќе се спроведува, дополнително вградени и во ревизијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација.

„Ние не гледаме на извештаите само како формалност, тие се алатка за реални промени. Реформите мора да имаат практичен ефект врз институциите и граѓаните, а не да останат декларативни“, истакна министерот.
Минчев ја истакна и клучната улога на меѓународната поддршка, со посебен акцент на ReSPA и SIGMA, како партнери во процесот на реформите преку обуки, експертска помош и размена на искуства со земјите-членки на ЕУ.
„Визијата на Министерството за јавна администрација е да изградиме администрација која активно ќе придонесува во креирањето и имплементацијата на европските политики. Македонија не гледа на процесот на интеграција како еднонасочен пат – нашата цел е да бидеме препознаени како сериозен партнер во Унијата и пример за лидерство во регионот“, истакна министерот Минчев.






