Министерот за јавна администрација, Горан Минчев во своето воведно обраќање истакна дека реформата на јавната администрација претставува еден од клучните столбови на европската интеграција, но и на институционалното зајакнување на државата.

„Реформата на јавната администрација останува клучен приоритет на Македонија, како во процесот на европската интеграција, така и во унапредувањето на функционирањето на институциите на национално ниво. Нашата определба е јасна: професионална администрација, ефикасни институции и услуги ориентирани кон граѓаните и бизнисите“, нагласи Минчев.
Тој се осврна и на последните наоди од извештаите на Европска комисија и оценките на SIGMA, нагласувајќи дека тие претставуваат важен инструмент за насочување на реформските активности.
„Македонија се движи напред. Последниот извештај на Европската комисија за 2025 година ја потврдува нашата посветеност и видливиот напредок во реформата на јавната администрација. Во споредба со претходните извештаи, јасно е дека напредокот е конкретен и мерлив“, потенцираше министерот.
Едновремено истакна и дека европската перспектива на државата се гради врз основа на демократските вредности, но и со јасна почит кон националниот идентитет, јазикот, култура и историскиот континуитет на македонската држава.
„Нашата европска перспектива ја градиме паралелно со зачувувањето на националниот идентитет, македонскиот јазик и културниот и историскиот континуитет на Македонија. Станува збор за вредности кои се длабоко втемелени во нашето демократско уредување и кои се дел од процесот на институционално јакнење и развој“, заклучи министерот, нагласувајќи дека токму преку силни, професионални и отчетни институции се зајакнува и демократската основа на државата.
Министерството за јавна администрација останува цврсто посветено на доследна имплементација на започнатите реформи и на испорачивање на конкретни резултати за во интерес на граѓаните и бизнис заедницата.
Состанокот на Специјалната група за реформа на јавната администрација претставува важен механизам за следење на напредокот на Македонија во оваа област и за координација на реформските активности со институциите на Европската Унија.






