Настанот ги обедини претставниците на јавниот и приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество, а присуствуваше и амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер.
„Горди сме што токму Министерството за јавна администрација ќе биде првата институција која се приклучува на програмата Quintaum МАЦЕКС. Со тоа покажуваме дека реформите не се само законски измени, туку и нов начин на размислување – администрација што ги слуша своите луѓе, ги вреднува нивните искуства и гради култура на припадност и мотивација“, изјави министерот.
Тој се осврна и на соработката со Република Словенија, истакнувајќи дека токму ова партнерство претставува силен поттик за развој на современи политики во управувањето со човечки ресурси и организациска култура.
„Со Словенија воспоставивме вистинско партнерство – преку Меморандумот за соработка меѓу двете министерства, а дополнително со учеството на Амбасадата на Република Словенија во програмата, отвораме ново поглавје на размена на знаења, искуства и добри практики. Тоа е најдобриот доказ дека оваа иницијатива има европска димензија и кредибилитет“, нагласи тој.
Програмата Quintaum МАЦЕКС 2025/2026 претставува иновативен пристап за мерење и подобрување на искуството на вработените во јавниот и приватниот сектор, со цел создавање на повеќе мотивирана, посилна и човечка администрација.
Во своето обраќање, министерот Минчев порача дека јавната администрација не е изолирана структура, туку жива организација што се развива со луѓето и за луѓето.
„Нашата цел е да изградиме јавен сектор што инспирира, а не само функционира. Сектор што е силен, човечки и достоен за довербата на граѓаните“, заврши Минчев.






