Тој рече дека во срцето на јавната администрација се крие иднината на нашата држава.
„Реформите што Министертвото за јавна администрација ги води, не се само зборови на хартија, тие се дела, тие се реалност, тие ја менуваат секоја институција, го менуваат секојдневјето на граѓаните и го градат патот кон модерна, професионална Македонија. Свесни сме дека во јавноста често се слушаат стереотипи – дека администрацијата е голема, неефикасна, бавна. Но, јас денес сакам да истакнам нешто друго“, подвлече Минчев.
Администрацијата, истакна тој, е крвотокот на државата. Без неа, додаде, државата не би можела да функционира ниту еден ден.
„Замислете држава без учител кој ја пополнува наставната евиденција, без матичар кој издава извод од родени, без инспектор кој проверува дали е безбедна храната што ја јадеме, без службеник кој издава документ за градење, без човек кој седи зад шалтер и им помага на граѓаните. Тоа е администрацијата. Тоа е државата во секојдневието на секој граѓанин. И токму затоа, зборуваме за мисија. Зборуваме за луѓе кои ја носат државата на своите плеќи. Зборуваме за тоа каква држава ќе им оставиме на младите генерации“, нагласи Минчев.
Министерот рече дека денес Министерството за јавна администрација за првпат реално отпочнува со спроведување на генеричките обуки за административните службеници.
„Тоа значи дека повеќе не зборуваме во идно време, туку во сегашно. Обуките започнаа. Службениците учат. Институциите се движат напред. Ова е доказ дека реформите што ги водиме имаат конкретен резултат“, истакна министерот.
Генеричките обуки, како што потенцираше, се темелот врз кој ќе се изгради секоја професионална администрација.
„Тие се првиот чекор кон создавање службеници што ќе ја познаваат суштината на јавната служба, професионалност, етика, одговорност, транспарентност. Без овие основни вредности, ниту еден закон, ниту една стратегија, ниту една визија нема да може да се реализира“, додаде Минчев.
Но, она што е особено важно, како што истакна, е дека овие обуки не се само за административните службеници – тие, пред сѐ, се за граѓаните.
„Секое ново знаење што ќе го стекне еден службеник ќе значи побрза постапка, појасна информација, пократок ред и поедноставена услуга. Нашата цел е секој граѓанин да почувствува дека институциите работат за него – дека документите се добиваат без непотребно чекање, дека процесите се транспарентни и дека државата е партнер, а не пречка. Со овие обуки ние инвестираме во луѓето кои секојдневно ви служат вам, затоа што посилна и пообучена администрација значи посилна и поуспешна држава за сите нас“, дециден беше министерот.
Овие обуки не ги спроведувале само со домашни ресурси, туку и со поддршка на меѓународни предавачи.
„Тоа е симбол на нашата посветеност кон европски стандарди. Тоа е доказ дека сакаме најдобро за нашите службеници. Соработката со институции како Регионалното училиште за јавна администрација (РЕСПА), Центарот за извонредност во финансии (ЦЕФ) со седиште во Словенија, Агенцијата за стручни обуки од Франција, Вита Институтот, Економскиот факултет при Универзитетот ‘Свети Кирил и Методиј’, дополнително со меѓународни партнери и експерти како Борко Ханџиски е гаранција дека не сме сами на овој пат. Тие ќе споделат искуства и практики кои веќе дале резултати во други земји. Наша задача е тие искуства да ги адаптираме и примениме дома“, подвлече министерот.
Покрај обуката што се реализира денеска во Скопје, како што најави Минчев, во наредните месеци ќе се реализираат регионални обуки низ државата наменети за административните службеници од источниот, полошкиот и пелагонискиот регион.
„Република Македонија е дел од европското семејство и реформите во јавната администрација се клучен дел од тој процес. Во таа насока, сакам да потенцирам дека историски исчекор во реформата претставува донесувањето на пакетот реформски закони – Законот за вработени во јавен сектор, Законот за административни службеници, Законот за инспекциски надзор и Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници. Овие четири закони се темелот на новата визија и претставуваат почеток на севкупната реформа на јавната администрација во нашата држава. Паралелно со тоа, започнавме и со модернизација на Информациониот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР), кој ќе овозможи транспарентно и ефикасно управување со кадрите во институциите, како и со надградба и модернизација на системот за онлајн учење – LMS, кој ќе биде клучна алатка за постојано образование и стручно усовршување на административните службеници“, посочи министерот.
Со донесувањето на Законот за обуки и стручно усовршување на јавните службеници, како што рече, се формирала Академијата за јавни службеници – „прва институција од ваков вид во нашата земја, но и темел на една нова визија“.
„Академијата нема да биде уште еден административен орган кој постои само на хартија. Таа ќе биде срцето на модерната администрација. Ќе биде куќа на знаењето, универзитет на практиката, лабораторија на нови идеи. Таму нашите административни службеници ќе се обучуваат, ќе се усовршуваат, ќе стекнуваат нови знаења и ќе растат заедно со државата. Таму секој млад човек кој влегува во администрацијата нема да биде оставен сам, туку ќе биде пречекан, воден и подготвен за предизвиците што го чекаат. Академијата ќе преставува симбол на новата Македонија – држава што не ја остава својата администрација да тапка во место, туку инвестира во неа. Држава што разбира дека ако сакаме ефикасни институции, мора да имаме обучени и мотивирани луѓе. Држава што гради систем, а не импровизација. Сакам да бидам многу јасен: академијата не е привилегија за службениците, туку обврска на државата кон своите граѓани. Затоа што секоја обука, секое знаење, секоја нова вештина што ќе ја стекне еден службеник, директно се претвора во подобра услуга за граѓанинот“, смета министерот.
Тој посака да се изградат институции што ќе траат, службеници што ќе инспирираат и држава што ќе биде гордост на сите нас.






