понеделник, 19 мај 2025

MИМ: Медиумска слобода без компромис, јавниот интерес пред сè

По повод 3 мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, Македонскиот институт за медиуми упатува јасна и недвосмислена порака: професионалното новинарство е столб на функционалната демократија, а правото на информирање клучен јавен интерес што бара постојана заштита и развој.

Објавено на

часот

Сподели

„Слободата на медиумите не е само формална заложба, туку вредност што се остварува преку секојдневна практика, со етички стандарди, функционални институции, независни медиуми и активна, информирана јавност. Но, таа вредност и понатаму останува ранлива, особено во услови на општествени, политички и технолошки турбуленции.

Медиумската сцена во државата се соочува со бројни и испреплетени предизвици. Новинарите работат под постојан економски, институционален и политички притисок, во средина која не нуди доволна правна сигурност, ниту, пак, стабилна и доследна системска поддршка за независна работа. Значајна е потребата процедурите и изборот на членовите во телата што носат регулаторна и програмска одговорност да се засноваат на јасни критериуми, стручност и јавна отчетност, со цел да се зајакне нивната улога во медиумскиот систем.
Недоволната ефикасност на саморегулативните механизми во редакциите, посебно во онлајн просторот, ја продлабочува ерозијата на професионализмот. Ширењето дезинформации, сензационализам и злоупотреба на новите дигитални алатки ја соочуваат публиката со ризикот да биде манипулирана, а не информирана.
Паралелно, вештачката интелигенција сè почесто го менува начинот на производство и дистрибуција на информации. Иако може да донесе придобивки, неетичката и нетранспарентната употреба на овие технологии отвора простор за пристрасност, дезинформации и губење на уредничкиот авторитет.
Овие предизвици бараат координирани, суштински и долгорочни решенија. Оттука, Македонскиот институт за медиуми повикува на:

Усвојување и доследна примена на модернизирана медиумска регулатива, што ќе обезбеди транспарентност, плурализам и заштита на јавниот интерес на сите медиумски платформи;
Јакнење на интегритетот и независноста на регулаторното тело и јавниот радиодифузен сервис, преку избрани професионалци со кредибилитет и јавна одговорност;
Развој и примена на етички насоки за употреба на вештачка интелигенција во новинарството;

Поддршка во функционирањето и развојот на саморегулативните тела како значаен дел од медиумскиот систем;

Обезбедување стабилно финансирање и заштита за новинарите, особено оние што работат на локално ниво и во услови на ограничени ресурси;

Сериозна поддршка за медиумската писменост и професионално новинарско образование, со цел да се зголеми отпорноста на граѓаните и професијата кон манипулации и притисоци.
На 3 мај оваа година, потсетуваме дека без силни медиуми нема информирана јавност. А, без информирана јавност, демократијата се сведува на форма без суштина.
Македонскиот институт за медиуми останува посветен на својата мисија: да се гради професионално, етичко и одговорно новинарство, кое нема да молчи, туку ќе поставува прашања, ќе проверува факти и ќе ја штити вистината како јавна вредност“, се вели во соопштението на МИМ.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ