Тој потенцира дека Договорот е еден од подобрите и посериозните документи кои земјава ги постигнала со сериозна држава како Британија и предвидува заедничка соработка во инвестиции, инфраструктура, безбедност и економија, но не и бегалски кампови.
„Со овој Договор за стратешко партнерство предвидени се одредени средства со кои во Македонија ќе се гради инфраструктура. Точно, ќе се градат железници, автопати, ќе се градат здравствени и енергетски инфраструктурни проекти, но, за жал на опозицијата која се обидува да спинува, нема да се градат какви било бегалски кампови. Британија откако излезе од Европската Унија, со сите земји од Западен Балкан, но и со самата ЕУ случува вакви договори, каде што Британија ја враќа легалната основа на Фронтекс, таму каде што Македонија и земјите членки и земјите кандидати на ЕУ имаат легална основа за борба против организирана, нелегална миграција и заштита на границите, тоа го прави Британија со овој дополнителен механизам, којшто е комплементарен со Фронтекс. И на крај, нема подобар демант за ваквите спинови на некои опозициони партнери, од изјавата на британскиот амбасадор, дека британско-македонскиот стратешки договор потврдува и предвидува инвестирање во инфраструктура, во економија, безбедност и образование, но не предвидува бегалски кампови во Македонија“, одговори Милошоски на новинарско прашање.
Милошоски потенцира дека сите оние кои се обидуваат оваа тема и понатаму да ја спинуваат, очигледно имаат недостаток на визија и на проекти кои би ги понудиле како Македонија да има постабилни партнери и држави пријатели како што е Велика Британија.
Британски медиуми деновиве објавија дека Британија преговара да депортира одбиени азиланти во Македонија. Според објавите, двете држави од есенва биле влезени во формални преговори за да се реализира овој план.






