четврток, 5 февруари 2026

Милијарди на хартија, недоследности во пракса: државната ревизија ја разголи владината СОЗР

Продадено земјиште што сè уште се води како државно, застарена опрема, милионски кусоци, привремени раководители и јавни набавки со фаворизирачки услови, извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) откри дека владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР) управува со огромен имот без реална контрола и речи си без никаква одговорност.

Објавено на

часот

Сподели

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил сериозни и системски слабости во работењето на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) – од нефункционално управување со имот вреден милијарди денари, до незаконски практики во вработувањата, јавните набавки и финансиската дисциплина. Ревизијата за 2024 година покажала дека масовното ангажирање луѓе преку приватни агенции и договори на дело директно влијае врз континуитетот и квалитетот на услугите, но и врз веродостојноста на финансиските извештаи на државните институции што ги користат услугите на СОЗР.

Државен имот вреден милијарди – со хаотична евиденција

Ревизорите утврдуваат сериозни пропусти во водењето на евиденцијата за земјиштето со проценета вредност од речиси 20 милијарди денари. Дел од парцелите не се усогласени со податоците од имотни листови и катастар, а како сопственост на СОЗР сè уште се води земјиште на улица „Јордан Мијалков“, иако одамна е продадено и на него се изградени приватни објекти

Дополнително, за земјиште во Струмица, Кичево, Куманово, Велес, Штип и Дојран нема никакви информации дали се користи или дали е променета сопственоста – иако вредноста надминува 130 милиони денари

„Евиденцијата на земјиштето не е усогласена со податоците од имотен лист и катастар, што директно влијае на проценувањето на неговата вредност“

Ревизорите предупредуваат дека ваквата состојба отвора сериозен ризик од неекономично користење и потенцијална злоупотреба на државниот имот.

Стара опрема и „исчезнати“ милиони 

Речиси целата опрема на СОЗР е амортизирана, констатирале ревизорите. Дури 92 проценти од нејзината вредност е отпишана, што укажува на застарен технички парк.

„Истовремено, се евидентираат 865 пумпи за вода и 18 генератори набавени по поплавите во Стајковци во 2016 година за речиси 20 милиони денари, од кои најголемиот дел се дадени на други институции – без соодветна документација. Голем дел од опремата е дадена на други субјекти без поткрепа со соодветна документација. Во магацините се чуваат резервни делови вредни над 11,5 милиони денари, од кои 95 проценти се застарени и неупотребливи. Иако со години се предлага нивно расходување, тоа не е направено“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Пописот за 2024 година утврдил и кусок на ситен инвентар од над 4,2 милиони денари без утврдена одговорност. Слична е состојбата и кај залихите на храна, каде разликата изнесува над 4,1 милион денари.

„По извршениот попис за 2024 година, утврдена разлика помеѓу сметководствената и фактичката состојба на залихите на прехранбени производи во главниот магацин, во износ од 4.187 илјади денари без предложени мерки за решавање на состојбите. И покрај утврдените кусоци и застарени залихи, не се преземени мерки за утврдување одговорност“, велат од ДЗР.

Привремени вработувања, трајни раководни функции

Во текот на 2024 година, 21 човек бил ангажиран преку приватни агенции добиле за што биле потрошени над 3,2 милиони денари, при што дел од нив извршувале редовни раководни задачи, спротивно на Законот за административни службеници, кој бара високи квалификации и сертификати за такви позиции.

Ревизијата открива и апсурдна систематизација, за работното место авио-диспечер не е задолжителна лиценца, а за пониското, помошник авио-диспечер лиценцата е обврска.

„Дел од привремено ангажираните лица вршат редовни раководни задачи спротивно на законската регулатива. Значителен дел од задачите на раководител на одделение или сектор се извршуваат од лица врз основа на добиено овластување за вршење на работи и задачи покрај тоа што се распределени на други работни места Освен генерички обуки предвидени во годишниот план за обуки, не се спроведени други обуки. Значителниот број на вработени на определено време и привремено ангажирани лица, честата миграција како и недоволното вложување во унапредување на стручните компетенции на вработените, создава ризик во обезбедување на континуитет и квалитет при подготвувањето на финансиските извештаи за државните институции кои се корисници на овие услуги“, се наведува во Извештајот на ДЗР.

Кај јавните набавки ревизорите утврдиле услови што ја ограничуваат конкуренцијата. За договорот за физичко обезбедување биле поставени критериуми што практично фаворизираат одредени фирми – меѓу кои и барање за договор од најмалку 50 милиони денари во последните три години.

Кај сервисирањето на возилата, половина од набавените услуги и делови кај два оператори воопшто не биле предвидени во техничките спецификации – што укажува на сериозно лошо планирање

Фискални хаос во државните ресторани

СОЗР не води Книга на дневни финансиски извештаи, уплатите од готовински промет доцнат со месеци, а во јуни 2024 година воопшто не биле издавани фискални сметки. Дел од уплатите потекнуваат уште од 2023 година што е јасен сигнал за распад на финансиската дисциплина, пишува во Извештајот на ДЗР.

„Уплатите на готовински промет се вршат со задоцнување од неколку месеци, а за одреден период не се издавани фискални сметки“, констатираат ревизорите.

Ревизорите укажуваат и на практиката за обезбедување возила од висока класа преку лизинг – без јасни процедури, без анализа на реалната потреба и без кост-бенефит (cost-benefit) проценка на оправданоста на трошоците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ