Во една година може да се доделат најмногу до пет награди, од кои една награда е за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмација и промоција на државата.
Јошко Миленковски е добитник на наградата за животно дело за 2025 година, кој е награден за неговиот исклучителен придонес во развојот на спортот, како и за афирмацијата и промоцијата на државата на меѓународен план. Признанија за значајни спортски остварувања добија и Хамид Бакија, Зоран Николовски, Виктор Тевчев и Кирил Манев – спортисти, тренери и спортски работници кои оставиле силен белег во македонскиот спорт.
Министерот за спорт Борко Ристовски на доделувањето на наградата во Собранието рече дека оваа награда е заслужена и има тежина и вредност. Им честита на сите добитници и истакна дека таа е пример за тоа како треба да се претставува спортот, да се промовираат вистински вредности и да биде мотив и за другите.
Тој му ја врачи наградата за животно дело на проф. Д-р Јошко Миленковски, чиј професионален и научен пат е синоним за афирмација на македонскиот спорт. Тој е истакнат македонски одбојкар, долгогодишен одбојкарски тренер, актуелен селектор на македонската одбојкарска репрезентација и тренер.
Миленкоски се заблагодари за наградата и рече дека годинава слави јубилеј 50 години во одбојката, без ниту еден ден пауза.
„Мојот живот беше и останува посветен на одбојката. Вложив многу труд и љубов“, потенцира Миленковски.
Наградите ги доделува Одборот за државната награда „8 Септември“, кој традиционално ја организира оваа манифестација во пресрет на 8 Септември – Денот на независноста.






