Поранешниот најблизок соработник на екс-премиерот Никола Груевски во „Смарт Инвест Груп“ минатата недела стана член на групацијата на местото на градежниот инвеститор Крсте Неделковски од Битола, инаку познат како сопственик на градежните фирми „Конкрит“, „БВ Инженеринг“.
Досегашните соработници на Неделковски од сега ќе му бидат бизнис-партнери на Јанакиески и тоа познатите битолски бизнисмени Драги Филевски (Марио Матео), Пеце Талески (ОХО Продукција), Филип Стојчевски (Чифлик), Владимир Христовски (Графо пром) и Исни Абази (Оне Финанце).
Јанакиески минатата година во јуни излезе на слобода по шест години минати во затвор за предметот Титаник поврзан со изборни нерегуларности за кој тој призна вина. Во 2022 година беше осуден на 4 и пол години затворска казна, а следната година скопска Апелација му ја намали на три и пол години. Лани во март Апелацискиот суд одлучи да ја уважи жалбата на Јанакиески со која бараше условен отпуст, кој што го доби уште порано.
„Смарт инвест груп“ на својата веб-страница информира дека во моментов има инвестициски фонд од 30 милиони евра и дека гради станбени згради во битолската елитна населба Златен рид, Широк Сокак и други атрактивни локации во овој град, како и во Куманово и Скопје, каде ќе се гради комплекс од 128 станови кај Момин Поток во Карпош.
За поранешниот министер за транспорт и врски неофицијално се зборува дека е актуелен консултант за земјиште на големи градежни моќници. Концептот на работа на „Смарт инвест груп“, основан пред две години, е да собира заеднички средства од инвеститори кои би вложувале во идни градежни проекти.
„Друштвото за градежништво, производство и услуги ‘Смарт инвест груп’ ДОО Скопје е просперитетна и влијателна инвестициска групација која делува во разнообразни сегменти на македонскиот бизнис и општество. Нејзината уникатност произлегува од вклучувањето на искусни и реномирани македонски претприемачи со повеќе од две децении искуство во области како: градежништво, ИТ-технологија, финансии и банкарство, трговија и угостителство, медиуми, маркетинг, печатарска индустрија и многу други. Мрежата на компаниите кои се дел од ‘Смарт инвест груп’ е јасен индикатор за нивната сериозност и потенцијал за постигнување на долгорочни цели“, пишува на веб-страницата на оваа групација.






