четврток, 5 февруари 2026
Меѓувладината мешовита комисија за заштита на националните малцинства меѓу Македонија и Хрватска

Милас: Хрватите да влезат во македонскиот Устав при првото негово отворање

Отворена и конструктивна дискусија, размена на информации за актуелната состојба и за предизвиците со кои се соочуваат македонското малцинство во Хрватска и хрватското во Македонија, како и формулирање конкретни препораки што ќе овозможат натамошен напредок, се очекува од одржувањето на седмиот состанок на Меѓувладината мешовита комисија за заштита на националните малцинства помеѓу Република Македонија и Република Хрватска.

Објавено на

часот

Сподели

„Секој ваков состанок е можност да ги зајакнеме односите меѓу двете земји, можност да покажеме дека дијалогот функционира и можност да додадеме дополнителен импулс на нашата заедничка европска иднина. Ние сме две пријателски земји со долга традиција на соработка. Денешниот состанок е уште една потврда за таа соработка. Соработка што се гради на заемно почитување, заеднички вредности и искрена желба за напредок“, изјави пред почетокот на средбата заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски.

Тој додаде дека за нас мултиетничноста е дел од нашиот идентитет и оти ние сме општество изградено врз принципите на соживот, толеранција и почитување на различностите.

„Грижата за националните малцинства и кај нас и во странство е наша стратешка определба. Ова е особено значајно во контекст на нашата европска агенда. Процесот на пристапување кон Европската Унија не е само економски или политички проект. Тоа е прашање на вредности, а почитувањето на малцинските права е еден од клучните индикатори за владеење на правото, за демократскиот капацитет и за институционалната подготвеност на државата. Таа покажува како европските стандарди се применуваат во пракса, не преку декларации, туку преку конкретен дијалог, партнерство и реципрочен пристап. Ова е модел што може да послужи како пример и за други билатерални односи во регионот“, истакна Димитровски.

Тој изрази благодарност до Република Хрватска за досегашниот третман на македонското национално малцинство.

„Хрватска обезбедува поддршка во образованието за нашето малцинство, од изучување на мајчиниот јазик до пристап до образовни ресурси. Постои институционална отвореност кон потребите на заедницата. Македонското малцинство има медиумска застапеност и можности за културна афирмација. Овие политики се во целосна согласност со европските стандарди и заслужуваат високо признание. Хрватска за нас не е само сосед и партнер. Таа е земја членка на Европската Унија, која покажува како членството се рефлектира на внатрешните политики, особено во сферата на човековите и малцинските права. За нас, тоа е важен извор на искуства и добри практики од кои учиме и кои сакаме да ги применуваме. Но, партнерството е двонасочна улица. Затоа сакам јасно да нагласам – ние сме цврсто определени кон реципроцитет“, рече заменик-министерот.

Додаде дека нашата политичка волја е недвосмислена и оти сме посветени на континуирано унапредување на положбата на хрватското национално малцинство во нашата земја. Тоа, според него, значи подобрување на институционалната поддршка, зајакнување на образовните можности, поддршка на културните активности и зачувување на идентитетот, обезбедување медиумска застапеност и видливост на заедницата.

Државниот секретар во Средишниот државен уред за Хрватите надвор од Република Хрватска, Звонко Милас, кој заедно со Димитровски е копретседавач со состанокот, истакна дека, според него, најважно е да се продолжи со одржување на континуитетот во одржувањето седници во изминатите осум години.

Тоа, рече, ја покажува насоката на владите на двете земји дека сакаат да ја промовираат, да ја подобрат заштитата на малцинствата, и на македонското во Република Хрватска и на хрватското во Република Македонија, но и да ја прошират билатералната соработка.

„Сигурен сум дека препораките што ги дадовме на последната сесија во Загреб и ги испративме до владите, но исто така верувам дека денес, кои ќе ги дадеме и ќе ги договориме на седмата сесија, ќе придонесат за уште подобар и повисок квалитет на живот и негување на сите оние вредности што нашите луѓе, нашите сонародници, ги чувствуваат неопходни за да може да живеат, ги чувствуваат како да припаѓаат на народот на кој му припаѓаат, без оглед на земјите во кои живеат. Сакам со гордост да истакнам дека Република Хрватска навистина го држи македонското малцинство високо заштитено во контекст на правата на малцинствата. Тоа им е гарантирано со Уставот и верувам дека еден ден ќе ги видиме и Хрватите во Македонија и дека тоа е така, верувам, преку изјавите на највисоките македонски функционери и преку позитивниот напредок во изминатите неколку години“, рече Милас пред состанокот.

Сигурен сум, додаде тој, дека ќе работиме заедно за да обезбедиме и Хрватите да добијат сè што им е потребно за да бидат правилно дефинирани како национално малцинство и сигурен сум дека ова ќе се реши за време на првото отворање на Уставот во Република Македонија.

Тој им се заблагодари на македонските власти за обезбедувањето простор, односно најважното нешто – Хрватите да може да спроведуваат активности со кои ќе можат да ги негуваат зачувувањето и развојот на културното наследство и учењето на јазикот, односно хрватскиот идентитет.

„Средишниот државен уред за Хрватите надвор од Република Хрватска ќе продолжи да биде, како и другите институции на Република Хрватска, во поддршка на Хрватите во Македонија. Нашата работа ќе биде фокусирана на проекти, на програми, што ќе им овозможат да зачуваат и развиваат уште подобро и уште посилно сè што им припаѓа според вредностите што му припаѓаат на хрватскиот народ. Ќе бидеме фокусирани на работа со деца, со млади луѓе, бидејќи сè што сакаме е тие да се поврзат со својата матична татковина. Сакаме да развијат чувство на припадност кон хрватскиот народ, со тоа да го научат јазикот, да ја отворат во себе потребата да дојдат во Хрватска, да видат каква е татковината на нивните мајки и татковци, на нивните баби и дедовци. И сигурен сум дека тука ќе наидеме на пријателска соработка од нашите пријатели од Македонија, Владата и од сите оние што ќе може да придонесат за припадниците на македонското малцинство во Хрватска, односно хрватското во Македонија, да може да живеат живот како лојални граѓани на земјите во кои живеат, но во исто време да имаат сè што им е важно за да го негуваат сопственото чувство на припадност кон народот на кој му припаѓаат“, рече Милас.

Меѓувладината мешовита комисија за заштита на националните малцинства помеѓу Република Македонија и Република Хрватска е формирана врз основа на спогодбата потпишана во 2007 година во Сплит. Речиси две децении претставува стабилен и функционален механизам за дијалог меѓу двете пријателски држави. Таа е доказ дека билатералната соработка може да биде конструктивна, партнерска и насочена кон конкретни резултати.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ