„Оваа револуционерна процедура ја водеа нашите ценети интервентни радиолози д-р Филип Ристески, д-р Славица Чалческа, асс. спец. д-р Андреа Нанчева – Богоевска и д-р Ивона Јованоска во соработка со ендокринолозите д-р Радмила Милошевска и д-р Наташа Недеска – Минова, во тесна соработка со познатиот експерт проф. д-р Булент Чекиќ, интервентен радиолог од Анталија, Турција. Во просториите на ГОБ ‘8 Септември’ беше изведено предавање, фантомска вежба и беа сработени четворица пациенти, сите со успешна интервенција, без компликации си заминаа дома после два часа обсервација. Иницијативата беше овозможена со заеднички напори на Промедика и ЕКО, а со целосна поддршка на директорот на нашата болница – проф. д-р Синиша Стојаноски, како и директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски и заменик министерот за здравство, д-р Јовица Андоновски“, појаснуваат од установата.
Истакнуваат дека ова достигнување означува значаен чекор напред во развојот на минимално инвазивни третмани во нашата земја и ја поставува основата за понатамошен напредок во интервентната радиологија во лекување на тироидни јазли.
„Третманот на тироидните јазли е предизвик и за пациентот и за докторот, а со оваа процедура даваме можност за навремено, финансиски достапно и безболно третирање на оваа состојба, со минимален ризик од компликации и несакани ефекти, вклучувајќи ја и потребата од доживотна субституциона терапија со хормони“, додаваат од ГОБ „8 Септември“.
MWA е нова, подвлекуваат, ветувачка техника меѓу минимално инвазивните третмани на тироидни јазли.
„Микробранова аблација (MWA) е иновативна процедура што користи микробранова енергија за загревање и уништување на абнормалното тироидно ткиво, додека ги зачувува здравите делови од тироидната жлезда. Една од главните придобивки на MWA е тоа што таа ги таргетира само абнормалните ткива, овозможувајќи му на здравиот дел од тироидната жлезда да продолжи да функционира нормално“, појаснуваат од здравствената установа.