Имињата на министри и заменици кои од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат во техничката влада Мицкоски не ги соопшти, но рече дека од Извршниот и Централниот одбор добил овластување да ги предложи имињата.
„Ова за нас е технички период од 100 дена што треба да го обезбеди технички процесот и неговата кредибилност“, рече Мицкоски.
На прашањето како техничките министри од ВМРО-ДПМНЕ ќе му реферираат на техничкиот премиер Џафери кога не го признаваат, одговори дека не верува оти ќе има потреба од тоа. Но, рече, тоа нема да биде саботажа, ни недоаѓање, туку тие ќе бидат презафатени во министерствата.
Мицкоски соопшти дека формирале комисија за преговори за коалицирање со политичките партии – во првата половина на февруари ќе разговараат со тие што се веќе дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а во втората половина на идниот месец и со сите други партии кои, рече, имаат намера и желба да пристапат во коалиција, за во март тоа да биде завршено и да почнат со подготовка на кампањата за избори.
Со Павле Трајанов и со Димитар Апасиев, рече Мицкоски, немав средба за да разговараме за коалицирање. „Неодговорно и незрело е во политиката да се затвораат вратите. Тие што ја анатемизираат Левица, на локално ниво се во коалиција токму со таа партија“.
Во однос на можни партнери од албанскиот политички блок, Мицкоски одговори дека сакаат тоа да биде обединетата албанска опозиција, но не сакаат многу да зборуваат за тоа за да не се злоупотреби и да ја нападнат албанската опозиција дека соработува со ВМРО-ДПМНЕ.
Според нивните анкети, очекува ВМРО-ДПМНЕ да има меѓу 51 и 54 пратеници на парламентарните избори, СДСМ од 26 до 28, ЗНАМ и Левица околу 12 и 26-28 пратеници да добијат албанските политички партии.
Дали ДУИ би им бил коалициски партнер ако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, Мицкоски одговори дека разликата меѓу обединета албанската опозиција и ДУИ не е таква каква што ја очекува ДУИ и дека по 20 години таа партија треба да замине во опозиција за по четири години „да се појават со нова програма на политичката сцена“.
„ДУИ ќе биде многу непријатно изненадена од резултатот на изборите. Разликата меѓу консолидиран албански опозициски блок и ДУИ нема да биде така како што тие мислат“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на нивниот кандидат за претседателските избори, Мицкоски рече дека се уште прават анализи за кандидати, кругот е потесен и ќе бидат соопштени на конвенцијата на 2 март. Како што рече, формално, секој што ќе ги исполни условите од огласот ќе може да учествува, но дека партиското раководство ќе одлучи зад кого ќе застане.
Мицкоски демантираше дека наводно редовно комуницирал со Зоран Заев и смета дека тоа е „повторно фолклор и естрада за што не вреди да се коментира“.
Мицкоски одговори дека „не менува ништо“ доколку уставните измени се стават на дневен ред пред изборите, затоа што ќе нема 80 пратеници за да се изгласаат.
„ВМРО-ДПМНЕ има јасен став – вакви какви што се, уставните измени нема да ги поддржи ни да ги гласа, ни сега, ни во иднина нема да гласа за уставни измени под бугарски диктат“, рече Мицкоски и додаде дека се подготвени веднаш по формирање на владата да се сретнат со властите во Софија за да разговараат како да се излезе од состојбата „по авантурите со кои оваа Влада ја доведе државава“.






