„Факт е дека законот кој е донесен, а тоа е Законот за примена на јазиците е предизвикан пред Уставниот суд, токму во оној дел ‘владеење на право’ и ‘правосудство’, факт е дека имаме негативно мислење од Венециската комисија кое се однесува за двојазичноста во правосудството. Прво, немаме доволно ресурси тоа да го имплементираме, а второ, не се гарантира владеење на правото, односно нееднаквост во владеењето на правото. Затоа тие силно препорачуваат да се вратиме на законот за јазици од 2008-2009-та година. Истовремено факт е и дека студентите кои изучуваат Правен факултет на својот мајчин, во случајов албански јазик, имаат право да го прават тоа и се дел од образовниот систем во Македонија“, рече Мицкоски.
Премиерот, кој денеска беше во посета на скопската општина Аеродром, посочи дека е формирана комисија од уставни експерти која работи да најде решение кое е по Устав и меѓународни стандарди.
„Исто така е факт дека вчера видовме голем број опозициски активисти и функционери кои што беа на протестот и на тоа му дадоа и политичка конотација. Ние за тоа ги информиравме нашите сојузници во НАТО и во рамките на ЕУ за обид на опозицијата на одреден начин да направи дестабилизација и мислам дека тоа не наиде на одобрување од страна на високи претставници на меѓународната заедница“, рече Мицкоски.






