сабота, 12 јули 2025

Мицкоски: Во 21 век во Европа бевме сведоци на обид за создавање на вештачка нација и идентитет

Проблемот не бил во промената на Уставот, туку во нашиот идентитет, суштината на овој народ, македонскиот јазик, изјави синоќа премиерот Христијан Мицкоски во интервју на Македонската телевизија коментирајќи го она што се случуваше на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) и бугарскиот предлог амандман во Извештајот за нашата земја.

Објавено на

часот

Сподели

„Можам да кажам дека не го доживувам ова како победа, туку како разочарување. Зошто? Затоа што во 21-ви век во Европа бевме сведоци на обид за создавање на вештачка нација и идентитет. Тој амандман којшто денеска беше предложен дефакто е обид да се создаде некоја нова ‘модерна’ македонска нација, или некој нов ‘модерен’ македонски јазик што е само по себе преседан. Јас сум како човек и како Македонец разочаран, така што не го доживувам ова како успех, туку како нешто што за нас претставуваше пречка која што ја поминавме, но не е тоа доволно“, изјави премиерот Мицкоски.

Овој извештај, според последните информации, како што кажа, меѓу 8 и 9 јули повторно може да биде нападнат со сличен амандаман, што е само по себе преседан бидејќи еднаш е поразен на комисија (АФЕТ).

„Но, ова е само потврда дека онаа голгота што ја поминуваме 25 години откако почна нашиот пат, и 20 години како кандидат, продолжува и дека сите оние кои во минатото  мислеа дека ќе стават потпис на некоја национална отстапка и дека ги завршуваат сите грижи, биле измамници кон граѓаните. Не велам дека тие не биле измамени, можеби верувале дека ќе биде нешто испорачано, но тоа не ја намалува болката на граѓаните бидејќи тие ставиле потпис без да ги прашаат граѓаните и сега цената ја плаќаат граѓаните со тоа што денеска беа сведоци за создавање на нова ‘модерна’ нација и нов македонски ‘модерен’ јазик“, рече премиерот Мицкоски.

Тоа потврдува, потенцира тој, дека не бил проблемот промената на Уставот, туку идентитетот, суштината на овој народ, јазикот. „Нели беа бетон. Некако бетонов распука, и тоа го видовме сите во лулката на Европа, видовме како распукува бетонот“, рече премиерот Мицкоски.

Ние сме малубројни, но, како што потенцира тој, имаме поинаков ментален склоп и стратегија.

„Нашата стратегија беше да покажеме дека ние сме тие со вредности, чест и образ, ако сме малубројни. За жал, многу поголеми од нас денеска излегоа без чест и образ во срцето на Европа во Брисел, тие кои што имаат обид да го редефинираат нашиот македонски идентитет и да го редефинираат нашиот македонски јазик кодифициран пред 80 години, прифатен од ОН“, рече Мицкоски.

Премиерот рече дека е најлесно да се излезе од преговорите и од институциите, но дека не е одговорно зашто резултат може да се постигне само ако се бориме од внатре.

„Затоа што само од внатре, ако се борите може да ги направите потребните чекори. Ние нема да ги направиме оние чекори како од 2008 година после ветото во Букурешт… Не. Ќе бидеме антипод на тоа. Ние се бориме и ќе се бориме. Последните информации се дека на 8 или 9 јули дека ќе биде. Ќе се бориме и до тогаш. Не знам дали ќе успееме. Успеавме денеска. Успеавме во таа голема намера да покажеме дека не е промената на Уставот последна. Тоа е почеток на еден процес кој што нема да има крај. И ние ќе се бориме од внатре. И знам дека за идните генерации ќе оставиме добра подлога. Барем јас додека ја предводам Владата, нема да се чувствува Македонија понижена“, рече Мицкоски.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека изградбата на брзата пруга на Коридор 10 е стратешки проект со економска оправданост за идните генерации со кој ќе се зголемат значително приходите на Македонски железници.  Со договорот за стратешко партнерство со Обединетото кралство, посочува, се обезбедуваат стратешки инвестиции за идните генерации покрај за брза железница и за болници, а се разговара и за изградба на Чебрен и Галиште кои се од големо значење од повеќе аспекти.

„Пресметавме дека со таков тип на пруга, побрза од сегашната каде што карго возот просечно ќе се движи повеќе од 110 километри на час, ќе се зголеми бројот на композициите кои ќе транзитиарат, а со проширениот капацитет на пристаништето во Грција и со брзата пруга ќе се зголеми и бројот на композиции кои ќе транизитираат дневно. Сето тоа во одредена мера ќе доведе до десеткратно зголемување на приходите на Македонска железница, Инфраструктура и транспорт. Само ‘Коско’ ќе го зголеми својот транзит на контејнери за пет проценти“, рече Мицкоски во синоќешното интервју за јавниот сервис по повод една година Влада.

Економската оправданост, посочи, можеби во мојот мандат нема да се случи, но ова е стратегија и мора ние да се држиме до неа бидејќи имаме стратешко партнерство со многу важни велесили, САД и Обединетото Кралство кое сега доаѓа на Балканот преку нас.

Што се однесува со резервоарите за вода, премиерот Мицкоски посочи дека се преговара дел од средствата да се употребат за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште.

„Пресметуваме внатрешна стапка на поврат на колкав временски период ни е потребно да ги искористиме овие средства за на крајот од денот да имаме профит. Ова се стратешки проекти за идните генерации, два резервоари за вода, но не само за пиење, туку и за наводнување за Тиквешкиот регион кој произведува прекрасно грозје и вино, што е одлична прилика за добар туризам промоција на македонска кујна и вино. Морате да размислувате стратешки ако сакате да правите големи крупни чекори. Размислувавме стратешки и имаме 21,1 процент раст на туризмот во овие четири месеци споредено со ланските четири месеци“, рече премиерот Мицкоски.

Во однос на темата задолжување со договорот, премиерот Мицкоски појасни дека ништо не е задолжена Македонија и како што рече, ако ги гледате податоците долгот е намален.

„Теоретски утре да почнеме да градиме, првата фактура ќе стигне 2027 година. Колку брзо ќе градиме и ефикасно, така ќе расте нашиот бруто домашен производ, во градежништвото барем три пати се вртат парите, расте градежништво, расте индустриско производство, растат услуги… Како ќе расте нашиот БДП така ќе се повлекуваат средствата, нема да ги повлечеме да стојат на сметка и да го кренеме долгот без да го креваме БДП. Ве уверувам дека ќе имаме намалување на долгот. Се е на транспарентен начин, а Обединетото кралство ни гарантираат со нивниот кредитен рејтинг“, рече премиерот Мицкоски.

Тој потенцира дека сѐ е на транспарентен начин, Министерството за финансии веќе се обрати до 20-ина финансиски институции и банки, а за финансиите што ги бараме за нас гарантира Обединетото Кралство.

„Обединетото Кралство за нас гарантира со нивниот кредитен рејтинг, кој е трипати А, што значи дека нивните условi на меѓународниот пазар на пари се два до три пати подобри од нашите“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ