Претседателот на ВМРО-ДПМНЕистакна дека денешниот изборен ден од повторените локални избори помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. Тој посочи дека граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас.
„Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност. Овие избори покажаа дека инстируциите функционираат и дека демократсите процеси се зацврстуваат“, истакна Мицкоски.
Тој прогласи победа за ВМРО-ДПМНЕ во Маврово Ростуше и кандидатот на партијата, Онер Јакуповски кој е избран за нов градоначалник. „Јасна е целокупната политичка слика во Македонија. Изборните резултати се потврда дека изигрната доверба има последици“, рече Мицкоски.
Победата што кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ја извојува во Маврово-Ростуше над противкандидатот од СДСМ за Мицкоски е знак дека граѓаните наградуваат резултати, и уште една потврда дека кланот на лидерот на СДСМ Венко Филипче доживува нов дебакл. Смета дека СДСМ треба, како што вели, да расчисти со своето коруптивно минато, да престане да се напреварува во навреди, туку со идеи и проекти за граѓаните.
„Ова претставува уште еден тежок дебакл на СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече вечерва Мицкоски, откако информира дека нивниот кандидат Онер Јакуповски со двојно повеќе гласови го победил противкандидатот од СДСМ.
Според Мицкоски, проблемот на СДСМ не е само во изборниот резултат, туку многу подлабок. Тоа, вели, е пораз на политика која со години произведувал криминал, конфликти, национални предавства и деструкции и политика што ја држела државата во место и ја трошела енергијата на граѓаните.
„Затоа мора јасно да се каже. Не станува збор само за бројка. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчисувување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политика од сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи визии и програми од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од другата страна, додаде, е концептот што победува, концептот на ред, стабилност и одговорност, концептот на проекти, мерки и резултати, и концепт на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси.
„Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани. На крај, како претседател на Владата, имам обврска да упатам јасна и недвосмислена државничка порака. Македонија нема луксуз да губи време на хаос и деструкција. Потребна ѝ е сериозна и одговорна политичка сцена. СДСМ мора да се отрезни, да расчисти со своето минато и да престане да биде срам за сопственото членство и за државата. Нека биде јасно и нека остане запишано: државата е поголема од секоја партија, стабилноста е поважна од секој политички интерес, довербата на граѓаните не се освојува со кодошење и хаос, туку со работа, чесност и одговорност“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи по својот пат – со напорна работа, со генерирање стабилност и со јасна цел: Македонија да оди напред, сигурно и достоинствено.






