Мицкоски на средбата ги потврди веќе јавно изнесените позиции за принципите на соработка со сите коалициони партнери, како и во однос на (не)одлучноста на Таравари неговиот огранок од партијата да настапи со самостојни листи на локалните избори на есен.
Денеска, во текот на денот, и Таравари и Мицкоски ги искажаа своите позиции, кои требаше да си ги кажат очи в очи на средбата.
„Тоа што ние сме го поминале на претседателство дека Алијанса за Албанците, значи – ќе има посебни советнички листи и најверојатно сопствени кандидати за градоначалници во општините каде излегуваме. Така што, ќе го слушнеме и премиерот и потоа ќе процениме како продолжуваме понатаму“, изјави Таравари пред средбата со Мицкоски.
Премиерот пак изјави дека Таравари и неговите сопартијци треба да одлучат дали ќе продолжат да се дел од Владата која оди по патот на реформи, владеење на правото, или ќе изберат да коалицираат со политички сили за кои рече дека изминатите години ја криминализираа државата.
„Немам намера никого да молам. Со или без Таравари, Владата е стабилна, цврста со големо мнозинство, останува на него и неговите сопартијци да одлучат. Ќе повторам дали ќе одиме по патот на реформи, владеење на право, борба за праведно општество, институции кои ќе функционираат, или ќе се придружат и ќе коалицираат со оние политички сили кои со години ја криминализираа и ја уништуваа државата. Изборот е нивен“, дециден беше Мицкоски и пред средбата.