„Само што ја завршивме средбата со премиерот на Обединетото Кралство. Договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, влада со влада, е привилегија, бидејќи зборуваме за една од најголемите велесили во светот и влада на држава које е една од најголемите во Европа и таа нема вакви договори со многу земји, можеби сме една од ретките. Во деновите што следат сите детали ќе бидат објавени во македонската јавност“, истакна Мицкоски.
Претходно, тој и во објава на Фејсбук оцени дека ова е историски ден за Македонија.
„Денеска остварив средба со премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер. На средбата постигнавме согласност за договор за стратешко партнерство на Македонија со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Ова претставува стратешки договор кој ја позиционира државата во редот на интересите и делувањето на една од највлијателните политички и економски сили во светот како што е Обединетото Кралство. Овој договор претставува ново поглавје во односите меѓу двете држави и претставува клучна основа за подоцнежна економска и политичка соработка. Самиот договор се преговараше повеќе месеци помеѓу тимови од двете држави, и вклучува членови за блиска соработка во повеќе клучни области“, напиша Мицкоски на Фејсбук по средбата со Стармер.
Двајцата премиери во изјавите на средбата одржана во рамки на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана, оценија дека договорот за стратешко партнерство ќе значи уште посилна соработка, поцврсти односи и можност за продлабочување на односите.
Договорот, кој се оценува како историски, ќе отвори нови перспективи за соработка во клучни области како безбедноста, економијата, инвестициите, образованието, дигиталната трансформација и климатските промени. Ова е договор кој ја позиционира Македонија во поширокиот круг на интереси на една од водечките светски сили. Станува збор за конкретна и долгорочна определба за зајакнување на билатералните врски со Обединетото Кралство.
Со потпишувањето на договорот, Македонија ќе добие пристап до британска експертиза, финансиска поддршка за реформи и можности за британски инвестиции во стратешки сектори како енергетика, инфраструктура и иновации. Дополнително, соработката ќе опфати и засилен политички дијалог, како и координација во рамки на меѓународните институции и глобалните безбедносни предизвици.