недела, 14 декември 2025

Мицкоски: Пред локалните избори ДУИ наметнува теми од пред 30 години

Oчекувам предизборната кампања за локалните избори да се води околу реални проекти, a не ДУИ наместо да зборува за иднината, нѐ враќа 30 години наназад и наметнува теми од минатото, изјави денеска во Петровец премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Објавено на

часот

Сподели

„Очекувам кампања со идеи, со планови за нови училишта, спортски сали, автопати… но очигледно, ДУИ заедно со дел од опозициските структури и блиските медиуми, се обидуваат да наметнат атмосфера во која гласачите, особено тие што не се Албанци, ќе се плашат за кого да гласаат. Целта им е – или да гласаат за ДУИ, или воопшто да не гласаат за Вреди. Сакаат да ги обесхрабрат поддржувачите на коалицијата Вреди, односно целта им е да ги натераат гласачите да си речет: сите се исти, не гласаме“, рече Мицкоски.

Тој предупреди дека ДУИ „игра на картата на кратко помнење“ и повика граѓаните да направат избор меѓу, како што рече, концептот кој повеќе од 20 години ја уништувал државата и концептот кој сака да гради иднина.

„Ќе паднеме ли во нивната замка и ќе коментираме теми од пред 20 години, или ќе зборуваме за нови спортски сали, нови автопати и училишта? Погледнете ги кандидатите што ги нуди ДУИ и кандидатите што ги нуди владината коалиција. Тие се виновни што голем дел од младите Албанци ја напуштија државата“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски се осврна и на неодамнешната изјава на вицепремиерот Изет Меџити, дека војната во 2001 година била „разумна и праведна“.

„Не се согласувам со тоа. Не може да биде разумно од заседа да се убиваат македонски полицајци. Тоа се теми од минатото, затворени со Рамковниот договор. Нашиот фокус е иднината. Апелирам до сите разумни политичари да не играат на картата на ДУИ, туку да носиме инвестиции и да го направиме ова место подобро за живеење. Политичарите што делеа во минатото – немаат иднина“, изјави Мицкоски.

Тој изрази увереност дека владината коалиција ќе биде апсолутен победник на претстојните локални избори.

Мицкоски денеска изврши увид на изградба на три улици во населено место Ржаничино, како и увид на асфалтирање на локалниот пат Катлановска бања – Градманци.

„Без разлика дали станува збор за спортска сала, дали станува збор за водоводни или канализациони системи, за нови локални, регионални патишта, сето тоа претставува дел од онаа наша цел и заложба како Влада да додадеме вредност во квалитетот на животот на македонските граѓани. Јас му честитам на градоначалникот бидејќи гледам дека со одлична динамика во општина Петровец се развиваат проектите. Од тука продолжуваме и на друго место да направиме увид во проекти коишто се дел од програмата на Владата којашто ги финансира тие проекти преку соодветните министерства“, рече Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ